СДСМ НЕ ГИ ПОДДРЖУВА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО

Владејачкиот СДСМ не ги поддржува измените на Законот за државјанство во предложената форма. Партијата има забелешки за кои најави дека ќе разговара со пратеничките групи и ќе поднесе амандмани.

loading...

Измените беа поднесени од пратеници на Алијанса и Алтернатива.

„За измените на текстот на Законот ќе разговараме со предлагачот и со другите пратенички групи и тие измени ќе ги направиме по пат на амандмани, а целта ќе биде обезбедување поширок консензус за да се дојде до соодветно решение. Измените на текстот на Законот за државјанство влегуваат во скратена процедура во Собранието бидејќи се работи за долгогодишен проблем за државата“, наведува СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека корекциите коишто ќе ги побараат ќе бидат во насока на почитување на меѓународните стандарди за решавање вакви проблеми. Децидни се дека решението треба да биде системско и одржливо за да не дојдеме во ситуација со решавање на ова прашање да отвораме други прашања.

Претходно денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека Министерството в понеделник ќе излезе со став во однос на предлог-законот за државјанство. Тој информира дека вчера во МВР го добиле на мислење овој законски предлог, а експертите од оваа област го разгледуваат и ќе дадат мислење во однос на ова законско решение, по што ќе биде упатено до Собранието.

loading...


Според предлог-законот, оној што сака македонско државјанство ќе треба да обезбеди изјави на кои било три лица што ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на Македонија до 8 септември 1991 година или, пак, изјава на само едно лице што во тој период било жител или сè  уште живее во местото во кое живеел барателот.

Извор: Макфакс