| |

Демократијата меѓу споменот и надежта

Христо Михајлов

Суштествува ли воопшто некаде таква ветена земја, држава на совршена демократија? И ја има, и ја нема. Ја нема и нема да ја има никогаш во таа смисла, зашто луѓето како такви се несовршени и несовршено е целото човечко битисување. Работата за изградба на човечкото сожителство во взаемно уважување и добра волја, коешто го нарекуваме демократија, никогаш нема да биде довршена. Но и покрај тоа, има таква земја. Во замислите и во ветувања таа е во нас и меѓу нас секогаш кога ќе успееме да поправиме некоја неправда или да утешиме од болка. Демократијата не е состојба, таа е начин на човечки помин и задача за којашто сме приврзани. Тука не станува збор да ја довршиме, ами само да ја вршиме.

Ќе успееме ли да го усвоиме искуството на демократското сожителство, пред самата историја да нè подложи на следниот тежок испит? Во почетокот на нашата современа државност се предвидуваше дека Р. Македонија ќе има нужда од барем 50 години спокоен и мирен развој за да стане за нас демократијата втора природа. Тоа не беше случајно предвидување. Опитот на другите држави само ни го потврдува тоа, дека до стабилизирање на демократијата се стигнува одвај дури тогаш кога на раководни места во општеството ќе навлезе таа генерација, воспитана од онаа генерација, којашто веќе е израсната на слободата.

Но и покрај тоа, ние не живееме со затаен здив. Се држиме токму така, како да нашата земја е некое островче на блажените, кои што перипетиите на светот не ги засегаат и кои што можат да си дозволат време на исчекување. Во длабочините на своите души можеби сме и убедени во тоа.

По Втората светска војна Франција, на пример, ја загуби довербата, но се појавија ООН и големата тројка Черчил, Сталин, Рузвелт. Што стана, сите премногу добро знаеме. По Студената војна оние 50 години требаше да ни ги гарантираат ЕУ и НАТО. Ако го земеме предвид фактот како се претстави прашалната гаранција во поранешна Југославија, тоа не е баш радосна мисла. Можеби сме должни да се надеваме дека нè очекуваат 50 години вечен мир, иако не можеме со сигурност да сметаме на тоа.

Треба да сме добро подготвени да ја градиме и пазиме демократијата и во тешки и кризни ситуации, кои што одвај би се сопреле пред нашите скромни граници. Во споредба со катастрофите на одминатите векови, катастрофите на нашиот век придобија навистина глобален размер и кризен карактер. Со незадоволство ги изрекуваме излитените зборови како криза, иако во тој случај дијагнозата е точна.

Недостатоците на човештвото, кои што долго време беа локални или ограничени, достигнаа такви размери при што е загрозено заздравувањето на организмот како целина. Или организмот ќе се разруши под притисокот на подлата болест и ќе следи умирањето, или пак ќе се скрши силата на болеста и конечно ќе се тргне по патот на оздравувањето. Тоа е криза, се решава во моментот, а денешната ситуација е отворено кризна и решителна за посветлата иднина на човештвото.

За да бидеме поточни, може да зборуваме за тројна криза – демографска, економска и онаа најважната, моралната, од која што се изведува сето останато.



Слични Објави