| |

Пародија par excellence

Никица Корубин

Степенот на компромитација на политиката и политичката сцена кај нас, (де)градирал низ годините и настаните на секакви “нивоа и висини”. Зависно од потребата и моменталната блискост на државата до “нормалноста” – функционално европско општество. Затоа што сепак, параметарот во формална уставна парламентарна демократија е токму “демократијата” односно “демократската свест”. Која иако, тенденциозно секогаш од страна на “заробената држава” се припишувала на “политичките (општествените) елити” како ултимативни просветители и водачи, всушност изворно созревала и припаѓала на граѓаните.

Па, вечната дилема на нашата “јавност” – дали сите придобивки на државата низ годините (независност, демократско уредување, членство во Обединетите нации, институционалност, ЕУ кандидатура, членство во НАТО, меѓународни договори) – се резултат на “способноста на елитата” наспроти “неспособниот народ (граѓаните)”; се руши деновиве на брутално комичен и монструозен начин, истовремено. Како и секоја конструирана приказна низ годините. “Разголување” на “рувото на наследената и избраната” елита, распоредена низ сите сфери на општеството.

И во веројатно ургентниот авто-деструктивен ритуал, несвесно помага во расчистување на дилемите на граѓаните низ годините за: узурпираните институции, (не)заслужените професорски (и сите други) титули, контролираниот јавен дискурс, анти-европското про-европејство, “анти-хистеријата” (албанофобија, бугарофобија, хеленофобија), “не’ не бива” мантрата, опсесивната потреба од “статус-кво” контролирана ситуација. Општество кое пропаѓа секогаш по вина на “другите”, а не на “носителите на моќта” и држава која “не требала да постои” како задолжително ехо во класичен “колонијален манир”.

И всушност партократијата, односно “власта на партиите” која служела и служи за да се дефинираат “актерите во арената”, чии “битки на противниците” ќе бидат сервирани на граѓаните, не како храна, туку како “насока” на формирање на мислење и идеолошки став; ефективно е изложена во својата сирова форма деновиве. И се прикажува во изворниот облик и првична намера – политичките партии да служат само како структури или платформи за циклично пренесување на “контролата на процесите”.

И бидејќи “де-идеологизацијата” на партиите е “протната на мала врата” без било каква “критичка (новинарска) опсервација” – реперот за препознавање и афилијација кон определена “структура” е драстично сменет. И крајно поедноставен во флагрантно очигледна состојба на 4-годишна авто-блокада на ЕУ интегративниот процес, и оставање на државата во лимбо ситуација во еклатантно најопасниот гео-политички момент, со кој се соочува светот и западната цивилизација, чиј составен дел и креатор, сме и ние самите со нашиот култоролошки и цивилизациски идентитет.

И ја прави притоа, јасната “про-европска” ориентација чист показател за опстанокот на демократијата, функционалното општество, институционалноста, демократската свест и последователно државата. И во ситуација на намерна и целосна компромитација на политичката сцена низ годините; токму “бучавата”, личните дисквалификации и ad hominem нападите, гласниот примитивизам и жестоката пропаганда; треба да го “заматат” погледот, за да се проголта сервирана лажичка “отров” – “сите се исти”, односно “сите се корумпирани”.

Но, ако овие правила важат во демократијата, која се руши со “рушење на сите правила”; кои “правила” би важеле за “спас на демократијата” и “спас на западната култура”? Глобална тема во локална изведба. И токму тие контрадикции ги гледаме деновиве, со молк и соучесништво на “демократската јавност” латентно (и делумно оправдано) разочарана, како прилично егоистично и во истиот “привилегирано/елитистички” манир го набљудува навивачки и субјективно; најголемиот напад (метафорички кажано во “мафијашко-филмски стил”), врз единствено преостанатата “про-ЕУ и про-европска” реторика, искажана од страна на парламентарна политичка партија (СДСМ) од “македонскиот блок” со фразите на истата “јавност”.

И сите ламентации за “демократија, одговорност, владеење на правото, отчетност, европски вредности, транспарентност”; наеднаш исчезнуваат и стануваат невалидни, во флагрантното легитимирање на класичен авторитарен и тоталитарен дискурс и постапка; сервирана во квази-аристократски манир со целосна недемократска нетранспарентност и конспиративност, на навидум “мешана структура” (партиска, интелектуална, универзитетска, “аналитичка”); а всушсност “кристално јасна” како modus operandi, кој имаме “среќа” да го видиме “во живо”. Без параван. Или барем да слушнеме за него.

И бидејќи демократијата ја гради и чува “демократската свест”, крајно индикативно е и загрижувачки, отсуството на истата. И кај носителите на “пораката” и особено во легитимирањето на “методот” од страна на “јавноста”. Со што можеби, се насетува “таргетот”. А, тој е лесно хронолошки и историски “проверлив”.

Затоа што политиката и политичарот мораат да имаат јасни и недвосмислени ставови, особено за сложените стратешки, темелни и сложени прашања – Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Охридскиот рамковен договор, Прговарачката рамка. Членството во НАТО, членството во ЕУ. Европските извештаи и потенцијалните “кочници” (“српскиот свет”). Главните параметри и финесите.

Тоа се прашањата што треба да се одговорат. Ама, во демократијата граѓаните прашуваат, а не добиваат инструкции. И затоа главното прашање е: дали ова е “финалниот напад” кон извесноста на ЕУ членството на Северна Македонија, како ултимативен стратешки интерес и опстанок на функционалноста на општеството, за кои се повеќе од 75% од граѓаните ? Народски или аристократски кажано, сеедно.

Слични Објави