(НЕ) КУЛТУРА ВО АКЦИЈА

Си помина уште една недела исполнета со скандали. Уште една во која јавноста се бунеше и негодуваше, а Владата, стандардно без став си остануваше на спорадични изјави од типот се е во ред, немојте со националистички испади.

Па добро де, господа (ова само за оние КУЛТУРНИТЕ) зарем ова ви е таткова сопственост, своина, па сами да си решавате кој и колку вреди во Македонија? Дали светскиот амбасадор на културата Танец за своите заложби за презентација на името на Македонија заслужи само 150.000,00 денари? Дали ОФФест и Џез фестивал се толку неважни, па да во името на КУЛТУРАТА се откажеме од нив?

Секоја година изборот на грантисти по Годишната програма на Министерството за култура е се поскандалозно и поскандалозно. Просто да ти дојде не да ја укинеш културата, туку со катанец да го затвориш Министерството за култура и да оставиш културата сама да се развива. Таа, како и животот, секогаш си наоѓа пат и начин.

Се бунат директорите на етаблирани институции, национални установи за култура зошто државата им станува маќеа и веќе не ги сака. Тие што ни го направија името низ светот не заслужуваат ваков третман.
А заслужуваат уметниците аматери, кои по етничка припадност мораат да добијат финансиски средства за социјален мир во државата. Иако никогаш ништо немале заедничко со културата (ниту пак некогаш ќе имаат) си добиваат дебели износи да го работат тоа што најдобро го знаат-НИШТО, едно големо БЕЗДЕЛНИЧЕЊЕ.

Граѓаните го следат сето она што се случува. И се чудат- oд каде сета таа некултура во дворот на Министерството кое треба да биде нејзин мотор-двигател и кое треба да биде Куќа на културата.
Зарем фирмите формално основани пред ден два (во 5 до 12-народски кажано) пред самото објавување на огласот се оние што со години ги чекавме да ја промовираат културата на овие простори? Без било какви интервенции по етничка основа, повеќе од јасно е дека губиме сите ние –Граѓаните на ова проклето парче земја Македонија.

Зарем оние анонумуси ќе се борат за името на Македонија на светската културна сцена? Оние што ни самата нивна заедница не ги знае или пак не ја одобрува нивната работа и дејност. Не може Скопје и Тетово да се седишта на културата во Македонија. Не може тие самопрогласени Бастиони на културата да бидат два центри на двокултурната Македонија.

Очигледно е дека сите пори на општествениот живот ни се отруени од политиката. Поделбата на коалиционите партнери ни ја донесе поделбата на сите нас. Се се работи во два центри и се мора да се дели пола-пола. А зошто да не бидеме поле на културен натпревар меѓу народите? Или сепак е посилно она Македонија ја сфаќам како поле, како нива …(додајте нешто по сопствен избор).

Епа другари политичари, оние на власта и отруени од истата, заведени од апсолутната моќ која сега ја имаат (со опозицијата на ДПМНЕ целосно атрофирана) тоа така не оди. Не може да ни ја уништувате и културата исто како што ни го срозавте образованието.

Тази дупкa не е дупка- не оди и во културата. Таа не ви е потчинета на државниот апарат, за да ја заведувате и управувате како Вавилонска куртизана. Културата е народот, неговата традиција, навики, обичаи. Опстанале во потешко време така да сега вие сте нешто како зло што ќе се преброди, вака или онака.
Владата која е менаџер на целокупниот општествен живот во Македонија има поделено мислење. Две паралели-едната на Премиерот, другата на Министерот и никогаш нема да не спојат. Ќе се изгубиме во бескрајноста на нивната глупост и егоистичност.

Бидете барем луѓе, кога не сте професионалци, па не ги газете сопствените корени, сопствените традиции. Не добиваат албанските актери и уметници, албанските граѓани. Добива тесна група на алчни, себични користољупци кои по цена на својот раскош ја жртвуваат својата заедница.

Во времето на Гру барем фамилијата имаше осет, чувствто за традицијата, корените. Ни ги најде дури во антиката, ни ја избриша сегашноста со минатото, ни ја упропасти иднината, ама зборуваше за култура. Овие сега се поделија на повеќе семејства (како кај мафијата) па секое треба да си добие дел. Децентрализацијата на дело. Од една фамилија која ја соборивме со гласање на избори, си добивме повеќе самоименувани фамилии (ни број им се знае) кои хараат по нашето културно богатство.

Во име на културата се раздолжуваат персонални долгови, три генерации од исто семејство, без било каков допир со културата (макар и суб-културата) си добиваат пари од нашето ќесе, а оние што опстануваат од тие средства треба да просјачат за да ги има на сцената.

Е сега она што важи за театарот-даски што живот значат може да се обопшти за сѐ. Само што проблемот е што нас нѐ управуваат даските (дрвените кукли), а кој всушност ги влече конците никогаш нема да дознаеме.

Ќе си останеме НЕПИСМЕНИ и НЕКУЛТУРНИ варвари и племиња, кои од ПАПОК НА СВЕТОТ станаа последна дупка на кавалчето, кое веќе никој не го зема за озбилно. Деградирани и понижени за свои пари. Па арам нека им се!

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово