| |

Георгиев во Кочани: На Ива Михаилова не ѝ се дозволува да се врати и да се лекува во Бугарија и покрај влошувањето на нејзината состојба

На Ива Михаилова не ѝ се дозволува да замине на лекување во Бугарија и покрај влошувањето на нејзината здравствена состојба, изјави поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија и пратеник во бугарскиот парламент Георг Георгиев пред бугарски медиуми во Кочани, каде што продолжува судскиот процес против Михаилова за учество во сообраќајна несреќа во која загинало едно лице, јавува БТА.

Михаилова, која има бугарско и македонско државјанство, е обвинета за тешко кривично дело поврзано со безбедноста во сообраќајот во Северна Македонија. Несреќата се случила на почетокот на октомври 2025 година, а во неа биле повредени повеќе лица, меѓу кои и Михаилова.

По несреќата нејзините документи биле одземени, поради што таа не може да замине на лекување во Бугарија, каде што, според наведениот материјал, е можно да се спроведе специфичен третман за повредите на нејзиниот ’рбет.

„Тоа што го гледаме е одбивањето Ива да се врати и да се лекува во Бугарија и покрај влошувањето на нејзината состојба. Ова веќе е тенденциозно, имајќи предвид дека неколкупати досега била предмет на слично одбивање. Тоа нема никаква врска со кривичната постапка“, изјави Георгиев.

Тој нагласи дека неговото присуство во Кочани е продолжение на, како што рече, трајната заложба на ГЕРБ за следење на правото на Михаилова на чесен и правичен процес.

„Тоа што властите во Република Северна Македонија не обрнуваат внимание на здравјето на еден млад човек, кој очигледно нема ниту намера да се крие, ниту да ја избегне правдата, покажува поинаков однос за кој, за жал, не можеме да тврдиме дека целосно и објективно ги почитува човековите права“, рече Георгиев.

Тој додаде дека секој има право да се бори за своето здравје и живот и да се брани, изразувајќи надеж дека судскиот процес ќе биде „чесен, отворен, правичен и транспарентен“.

Според Ива Михаилова, досега биле одбиени осум нејзини барања за лекување – четири до судот во Кочани и четири до Апелацискиот суд во Штип. Таа тврди дека станува збор за медицински третман кој не се применува во Северна Македонија, но е достапен во Бугарија, Израел и Турција.

Михаилова наведува дека барањата биле одбиени и покрај доставените мислења од надлежна здравствена институција во Северна Македонија за тежината на нејзината здравствена состојба.

Слични Објави