Бугарскиот патријарх Даниил го посети православниот храм „Св. Георгиј“ во градот Фухејс, Јордан
На последниот ден од својата посета на Ерусалимската патријаршија, Неговата Светост патријархот Даниил го посети храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во градот Фухејс, Јордан, соопштија од Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП), пренесува БНТ.
Тој беше пречекан од свештенството, црковните настојатели и православните христијани од локалната парохија, а беше придружуван од Неговата Светост ерусалимскиот патријарх Теофил III и Неговото Високопреосвештенство киријакополскиот архиепископ Христофор. Тој го посети и соседниот храм „Св. Георгиј“, каде што беше одржана кратка молитва.
Храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во градот Фухејс, Јордан, е еден од најзначајните православни храмови во градот. Осветен е кон крајот на XIX век и е еден од најстарите активни православни храмови во овој дел на Јордан. Денес храмот функционира и како манастирски комплекс за големата православна заедница. Тука се развива активна социјална дејност, работат неделни училишта и се одржуваат бројни културни настани.
Неговата Светост им се заблагодари за гостопримството и за укажаната голема чест на Неговата Светост ерусалимскиот патријарх Теофил и на архиепископот Христофор. Тој му подари и копија од чудотворната икона на свети Георгиј Победоносец од Хаџидимовскиот манастир на архимандритот Христофорос Хадад, кој е одговорен за манастирот и просветниот центар.
„Повторно и повторно ја изразуваме својата благодарност кон нашиот Господ Исус Христос што благослови да ја оствариме оваа наша мирна посета на Ерусалимската патријаршија. Повторно ја изразуваме и својата благодарност кон Вас, Ваша Светост, и кон Нивните Високопреосвештенства, како и кон сите вас, браќа и сестри во Христа, за вашето гостопримство и за љубовта што ја покажавте кон нас“, рече во своето обраќање патријархот Даниил.
Тој додаде дека во изминатите неколку дена тој и бугарската црковна делегација имале можност не само да учествуваат на свечената света литургија на Божјиот гроб, туку и да се поклонат и да се помолат пред големите светилишта на христијанската вера и црква.
„Покрај сè друго, имавме можност да ги видиме и православните христијански заедници во Ерусалим, во Витлеем, во Мадаба и тука, во вашиот град. Впечатлени сме од вашиот посветен живот и од вашата цврста заедница. Се молиме да продолжите да живеете според нашата православна вера, Бог да ви помага и сè што правите да биде за слава Божја и за ваше спасение“, истакна патријархот Даниил.
Во текот на денешниот ден, Неговата Светост ќе ја посети и митрополијата на Киријакополската архиепископија, каде што ќе се сретне со архиепископот Христофор и со свештеници од архиепископијата.

