Академијата на МВР во Софија прими делегации од Европското полициско првенство во одбојка
Раководството на Академијата на МВР во Софија ги прими шефовите на делегациите на државите што учествуваат во завршната фаза на 12. Европско полициско првенство во одбојка. На средбата се разговарало за идната соработка, размената на искуства и заедничките иницијативи меѓу полициските структури, соопшти Академијата на МВР на својата фејсбук-страница.
Делегациите ги пречекале ректорот, виш комесар проф. д-р Илин Савов, и проректорот, комесар доц. д-р Милорад Јорданов.
Претставниците на Германија, Франција, Грција, Словачка, Италија, Луксембург и Чешка биле предводени од претседателот на Европската полициска спортска унија, Георгиус Ѕаѕакис, и генералниот секретар Иво Велчев. Тие се запознале со инфраструктурата и капацитетите за настава и тренинг на Академијата, како и со можностите за професионална подготовка и меѓународни обуки.
„За Академијата на МВР спортот е стратешки приоритет и неразделен дел од подготовката на современиот полициски службеник“, се наведува во соопштението.
Од Академијата истакнуваат дека физичката издржливост, дисциплината, отпорноста, брзата реакција и тимската работа се квалитети што се развиваат преку спортот и имаат непосредна примена во секојдневната полициска работа.
