Стотици учесници од цела Бугарија по 13-ти пат ќе тргнат по стапките на Самуиловите воини
Стотици луѓе од цела Бугарија по 13-ти пат ќе учествуваат во походот од Самуиловата тврдина до селото Клуч, организиран во спомен на битката на бугарските воини со византиската војска предводена од Василиј II во 1014 година, јавува БНТ.
Годинашниот поход се одржува два дена пред одбележувањето на 1012 години од смртта на цар Самуил и еден ден откако во земјата свечено беа вратени неговите посмртни останки.
„Сè се случи многу спонтано по повод 1000 години од владеењето на цар Самуил. Си рековме дека таков вид поклонение пред бугарски владетел недостига во нашата татковина. Така направивме една интерактивна маршрута како поклонение пред еден владетел кој го дал животот за Бугарија“, изјави Гергана Сандакчиева, организатор од здружението „Млад планинар“.
Според организаторите, на походот по стапките на Самуиловите воини се приклучуваат луѓе од целата земја.
Сандакчиева посочи дека патеката е лесна и дека походот е најдобар начин да се покаже дека „Бугарија помни“, додавајќи дека тоа се „стапките на иднината“.

