| | |

Бранислав Велешки- телохранителот на бугарскиот револуционер Георги Раковски

Роден како Георги Левков во селото Карабуниште, Велешко, Бранислав Велешки останува запаметен како учесник во бугарското националноослободително движење, близок соработник и личен телохранител на Георги Раковски, доброволец во Бугарското ополчение и учесник во борбите кај Шипка. Името Бранислав Велешки, со кое влегува во историјата, лично му го дал Раковски, пишува Актуално.

Според различни извори, Велешки е роден во 1834 или во 1824 година во Карабуниште, тогаш во Османлиската Империја, а денес во Северна Македонија.

Податоците за неговите рани години се оскудни. Познато е дека го напуштил родниот крај по конфликт со османлиските власти. Според дел од историските истражувања, повод биле киднапирањето на неговата сестра и прогонот од властите.

Велешки се населил во Србија, каде што во Белград се приклучил на бугарската револуционерна емиграција. Во 1862 година станал член на Првата бугарска легија, организирана од Георги Раковски.

Таму станал еден од најдоверливите луѓе на Раковски и останал негов личен телохранител до неговата смрт. Велешки бил и меѓу луѓето задолжени за одржување на дисциплината и организацијата во Легијата.

Со него е поврзан и еден историски факт – униформата со која Васил Левски се фотографирал во Белград во 1862 година му припаѓала на Бранислав Велешки. Според текстот, тоа е потврдено во повеќе историски публикации.

По распуштањето на Легијата и смртта на Раковски, Велешки се преселил во Романија, каде што одржувал врски со Љубен Каравелов, Христо Ботев и Васил Левски.

Бил уредник на хумористичниот весник „Тапан“, а во 1872 година го издал „Бугарско календарче“. Бил поврзан и со Бугарското книжевно друштво, претходник на Бугарската академија на науките.

Во 1877 година Бранислав Велешки се пријавил како доброволец во Бугарското ополчение и служел во Четвртата дружина. Учествувал во борбите кај Шипка, каде што бил тешко ранет. Куршумот останал во неговото тело до крајот на животот.

По 1878 година најпрво живеел во Карлово, а потоа се населил во Пловдив. Ја продолжил својата општествена активност, го поддржал Соединението во 1885 година и учествувал во македонско-одринските организации.

Истовремено, Велешки зачувал голем архив со документи и предмети поврзани со револуционерната борба. Меѓу сочуваните реликвии се походно котле од Бугарското ополчение, униформа од Првата бугарска легија, фотографии од 1862 година и архивски документи.

По неговата смрт дел од архивските материјали биле предадени во пловдивската библиотека и денес претставуваат историски извор. Негови предмети се чуваат и во Националниот военоисториски музеј, додека архивот се наоѓа во библиотеката „Иван Вазов“ во Пловдив.

Иако бил меѓу ветераните на националноослободителното движење, последните години од животот ги минал во сиромаштија. Според сеќавањата на неговата ќерка Рајна Николова, Бранислав Велешки починал на 17 мај 1919 година, речиси заборавен од јавноста.

Во Пловдив денес има улица што го носи името „Бранислав Велешки“.

Слични Објави