Деца и млади се запознаа со работата на нуклеарната централа „Козлодуј“ во Бугарија
Граѓани од различни делови на Бугарија и од странство денеска ја посетија АЕЦ „Козлодуј“ во рамките на Денот на отворени врати и се запознаа со работата на нуклеарната централа, соопшти нејзиниот прес-центар, пренесува БТА.
Посетителите ги разгледаа петтиот и шестиот блок, како и симулаторот во полн обем за блокови со реактори од типот ВВЕР-1000, на кој се обучуваат нуклеарните оператори. Стручните лица ги претставија технолошките процеси и секојдневните задачи на вработените.
Посетите започнаа во Информативниот центар, каде што преку разговори со експерти, макети и кратки образовни филмови беше прикажана дејноста на централата. Гостите проследија и демонстрации на противпожарна опрема и на мобилна лабораторија за следење на животната средина, со мерења во реално време.
Според организаторите, и годинава значителен дел од пријавените посетители биле деца и млади. Најмладиот посетител бил петмесечниот Пламен од селото Хајредин, во областа Враца, а највозрасниот — 85-годишниот нуклеарен физичар Љубомир Минев од Софија.
Во рамките на настанот беа претставени и можностите за образование и професионален развој во нуклеарната енергетика. Меѓу темите беа соработката со училиштата од регионот што спроведуваат дуално образование, стипендиите и летните практики за студенти од студиски програми приоритетни за секторот.
За најмладите беа организирани катчиња за боење илустрации на централата, составување сложувалки и учество во анкети. За покажаното знаење и труд децата добија сувенири.
Денот на отворени врати се одржува повеќе од 30 години и е дел од политиката на централата за транспарентно управување и комуникација со јавноста. Целта е граѓаните да добијат веродостојни стручни информации за нејзината работа, се наведува во соопштението.
БТА потсетува дека министерката за енергетика Ива Петрова на 1 октомври, при отворањето на петтата меѓународна нуклеарна конференција и изложба во Софија, ја истакна улогата на нуклеарната енергетика како стратешки избор за енергетската сигурност, конкурентноста и иднината на земјата.
Според Петрова, декарбонизацијата и растечката побарувачка за електрична енергија го наметнуваат прашањето како нуклеарната енергетика да се развива на технолошки најбезбеден и економски одржлив начин.
