Фон дер Лајен: Нападите врз цивилни бродови во Црното Море се неприфатливи
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази загриженост поради инцидентите со трговски бродови во Црното Море, откако два пловни објекта биле погодени во бугарската економска зона, јавува БНТ.
„Денес два трговски пловни објекта беа погодени во бугарската економска зона во Црното Море. Тоа се случува само еден ден откако турски брод, кој превезувал украинско жито, беше погоден и потона во близина на романското крајбрежје“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс.
Таа посочи дека точните околности околу инцидентите сè уште се утврдуваат, но оцени дека случувањата предизвикуваат сериозна загриженост.
„Нападите врз цивилни пловни објекти се неприфатливи. Изразуваме целосна солидарност со нашите земји членки од источното крило“, наведе претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен предупреди дека трговските бродови и нивните екипажи сè почесто стануваат цели на напади во Црното Море и дека веќе има и загинати.

