Се проверува морската вода кај Варна и Бургас за загадување по инцидентот со бродовите во Црното Море
Вонредна проверка за можно загадување на морската вода започна долж бугарското црноморско крајбрежје по инцидентот со бродовите во Црното Море. По налог на министерката за животна средина и води Росица Карамфилова, денеска ќе бидат земени примероци во подрачјата на ’ртот Калиакра, Бјала и Созопол, јавува БНТ.
Примероците ќе се испитуваат за присуство на нафтени деривати, полихлорирани бифенили и метали. Ќе бидат проверени и физичко-хемиските показатели за квалитетот на водата.
Земањето примероци го спроведуваат екипи на регионалните лаборатории во Варна и Бургас при Извршната агенција за животна средина.
Целта е да се утврди актуелната состојба на морските води и дали постои загадување поврзано со инцидентот.
Басенската дирекција „Црноморски регион“ ќе ги објави резултатите по завршувањето на лабораториските испитувања.

