(Видео) Радев ги информираше ЕУ и НАТО за нападот врз трговските бродови во Црното Море

Премиерот на Бугарија, Румен Радев, ги информирал Европската комисија и своите колеги од Европскиот совет за инцидентот во исклучителната економска зона на Бугарија во Црното Море, при кој, по напад со дронови, еден трговски брод беше потопен, а друг беше зафатен од пожар. Ова го соопшти Радев денеска во изјава за новинарите.

Премиерот Радев посочи дека во моментов е невозможно со сигурност да се каже од која држава се дроновите што ги погодиле трговските бродови во близина на бугарскиот брег. Запрашан дали по ваков напад треба да се активира некоја од одредбите од Договорот на НАТО, Румен Радев потсети дека вакви напади имало во Полска и во Романија и дека овие прашања се доставуваат до раководството на НАТО.

„Таму се одлучува на кој начин и каков ќе биде одговорот, но прашањето е поставено и во ЕУ и пред НАТО“, рече Румен Радев.

Премиерот повторно нагласи дека кога војната нема да биде запрена навреме, таа го проширува својот територијален опфат, што е видливо од секојдневните извештаи за дронови што погодиле цели надвор од границите на Русија и Украина.

На новинарско прашање дали е потребно свикување на Консултативниот совет за национална безбедност, премиерот истакна дека тоа е одлука на претседателката Јотова. Тој додаде дека постои голем ризик свикувањето на Советот да биде политички злоупотребено и дека случајот веќе е предмет на шпекулации.

Румен Радев нагласи дека владата веднаш презела мерки за организирање спасувачка мисија и дека дејствува исклучително оперативно.

„И Воената морнарица, и Военото воздухопловство, и Поморскиот спасувачки центар во Варна, и Поморската администрација – сите строго и во најкус можен рок ги извршуваат своите обврски“, изјави премиерот.



Слични Објави