| | |

(Видео) Како може да се излезе од сложената ситуација во односите меѓу Бугарија и РСМ

Следната средба на Заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе се одржи во почетокот на ноември, најави копретседателот на комисијата, проф. Ангел Димитров, во интервју за бугарската телевизија НОВА. Според него, на последната средба, одржана во септември, не бил постигнат никаков резултат.

„Се надевам дека ќе има некаков сигнал за малку поконструктивно однесување на нашите колеги“, изјави Димитров.

Тој оцени дека довербата меѓу двете држави зависи од исполнувањето на преземените обврски.

„Чудно е властите, кои го негираат договореното, да зборуваат за доверба. Довербата се создава тогаш кога преземените обврски се исполнуваат“, рече Димитров.

Неговите коментари следуваа во контекст на посетата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, на Софија по повод конференцијата за Коридорот VIII.

Муцунски го оцени како гест на добра волја дозволувањето бугарски лекари да ја прегледаат Ива Михаилова за да се уверат дека таа добива соодветен медицински третман.

„Поради недостигот од доверба меѓу владите, мора однекаде да почнеме да градиме доверба“, изјави Муцунски.

Димитров, пак, оцени дека таквиот чекор требало да биде направен порано.

„Една година по процесот против Ива Михаилова, чудно е да се зборува за добра волја. Да се надеваме дека пропуштената година нема да има тешки последици. Оваа добра волја требаше да се покаже многу порано“, рече тој.

Во освртот на политичките случувања, Димитров оцени дека Северна Македонија во последните две и пол години се нашла на политички крстопат од кој европската перспектива станува сè пооддалечена. Според него, политичката класа и владејачката партија не успеваат да направат критичка анализа на југословенското минато што би довела до политичка и научна катарза.

Тој нагласи дека билатералните разговори се неизбежни и оцени дека обидите прашањата да се префрлат на европско ниво, со очекување поддршка што би ја навела Бугарија да ја промени својата позиција, нема да го дадат посакуваниот резултат.

„Мислам дека и во Скопје веќе станува доволно јасно дека оваа политика не може да го постигне резултатот што го посакуваат“, изјави Димитров.

Целиот разговор погледнете го во видеото овде.



Слични Објави