Јамалов: Владата ја позиционира РС Македонија како сè поатрактивна туристичка дестинација
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со конкретни инвестиции го развива туризмот и ја позиционира РС Македонија како сè поатрактивна туристичка дестинација, изјави Александар Јамалов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Развојот на туризмот е еден од стратешките приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период се реализираат бројни инфраструктурни и развојни проекти кои имаат за цел да ја подобрат туристичката понуда, да ја зголемат поврзаноста на државата со регионот и Европа и да создадат нови можности за локалниот економски развој. Еден од најзначајните проекти е изградбата на брзата железничка пруга Скопје – Солун, која ќе претставува најголем инфраструктурен проект не само за Македонија, туку и за целиот регион на Југоисточна Европа. Со нејзиното завршување, патувањето до Солун значително ќе се скрати, што ќе овозможи побрз пристап до морето и ќе придонесе за зголемен број туристички посети во двата правци. Истовремено, Гевгелија ќе се развие во значаен туристички и економски центар, а со проширувањето на граничниот премин ќе се олесни движењето на патниците и туристите“, рече тој.
Јамалов додаде дека паралелно се реализираат и повеќе проекти во Гевгелија кои, како што кажа, директно придонесуваат за развојот на туризмот.
„Во тек е изградбата на западниот булевар, кој ќе го подобри сообраќајното поврзување, се реставрира заштитената стара чаршија со цел повторно да стане препознатлив симбол на градот, а се привршува и изградбата на браната Конско. Со нејзиното ставање во функција РС Македонија ќе добие ново вештачко езеро, кое отвора можности за развој на рекреативен, спортски и викенд туризам. Дополнително, се реконструира и патот до ски-центарот Кожуф, со што се создаваат услови оваа туристичка дестинација повторно да стане атрактивна за домашните и странските посетители“, рече Јамалов.
Истакна дека значајни резултати се постигнати и во авиосообраќајот како важен сегмент за развојот на туризмот.
„Преку програмата за субвенционирање нови авиолинии, од есента 2024 година досега се обезбедени 21 нова авионска дестинација од скопскиот и охридскиот аеродром. Новите линии кон градовите како Барселона, Дубаи, Неапол, Милано, Будимпешта, Виена, Краков и други европски центри ја прават Македонија достапна за странските туристи и придонесуваат за зголемување на туристичкиот промет. Во исто време се инвестира и во модернизација на аеродромската инфраструктура. Реконструкцијата на охридскиот аеродром е во завршна фаза, со нов терминал, нова административна зграда и проширување на капацитетите за прием на патници и авиокомпании. Резултатите веќе се видливи, при што охридскиот аеродром забележува рекорд со повеќе од 3.000 опслужени патници во еден ден“, рече Јамалов.
