„Стоп за Вардариште“ ги интензивира протестите
Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ ги засилува протестите поради континуираното палење и загадување што доаѓа од депонијата „Вардариште“. Новиот протест е најавен кај мостот „Близнаци“, во периодот од 15:00 до 18:00 часот.
Од иницијативата велат дека со месеци алармираат, но институциите остануваат игнорантни кон проблемот:
„Бидејќи никој не нè слуша, протестите ќе бидат сè поинтензивни и поочигледни. Нема да запреме додека не се преземат вистински мерки за решавање на проблемот со Вардариште“, порачуваат тие.
Жителите на Аеродром веќе речиси еден месец блокираат сообраќај кај оваа локација, предупредувајќи дека токму Аеродром и Гази Баба најмногу страдаат од чадот и загадувањето. Нивните протести се проширија и на територијата на Гази Баба, со блокади кај рампата во Термо. На протестите досега им се придружија в.д. градоначалникот на Аеродром, Дејан Митоски, а жителите повикаа и на учество на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Граѓаните најавуваат дека блокадите и протестите ќе продолжат и во следниот период, сè додека надлежните институции не понудат конкретно и трајно решение за долгогодишниот проблем.
Инаку, протестите добија на интензитет по големиот пожар кој на крајот од август ја зафати дивата депонија „Вардариште“, оставајќи со денови мирис на изгорено низ околината.
Од иницијативата „Стоп за Вардариште“ категорично ги отфрлаат наводите дека зад протестите стојат политички партии, нагласувајќи дека нивните активности се исклучиво граѓански и независни.

