Петрова: Бугарија не прифаќа повторно преговарање за обврските на Скопје кон ЕУ
Бугарија не учествува во консултации за повторно преговарање за преземените обврски на Скопје за пристапување во Европската унија, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова како одговор на пратеничко прашање на денешната редовна седница на бугарскиот парламент, јавува БТА.
Петрова одговори на прашање на пратеникот од „Преродба“ Ангел Георгиев за политиката на бугарското Министерство за надворешни работи во однос на исполнувањето на условите од Преговарачката рамка за Република Северна Македонија и за тоа дали за бугарската страна се прифатливи уставни измени со одложено дејство.
Според Петрова, нема потреба од преговори за повторно договарање, бидејќи таквиот пристап е неприфатлив за Бугарија, а тврдењата за спротивното се неосновани.
Министерката додаде дека не се прифатливи ниту уставни измени со одложено дејство.
Петрова посочи дека европскиот консензус предвидува јасен и предвидлив алгоритам со конкретни обврски за македонската страна, при што нејзиниот напредок зависи од исполнувањето на преземените обврски.
Таа нагласи дека главното барање на Бугарија е целосно гарантирање на еднаквите права на Бугарите во Северна Македонија.
Како прв чекор, според Петрова, треба да заврши процесот на усвојување на уставните измени со кои Бугарите би добиле еднакви права заедно со останатите заедници во земјата.
Министерката објасни дека обврската на Скопје за внесување на Бугарите во Уставот е и услов за фактичко отворање на преговорите за членство.

