Повеќе од три децении пријателство: Бугарија продолжува со поддршката за Босна и Херцеговина
Библиотеката во Основното училиште „Средње“ во Босна и Херцеговина е обновена и опремена со нови книги и компјутер преку Бугарската официјална помош за развој, објави БТА. Поддршката за образованието е дел од соработката меѓу двете земји, која опфаќа и други иницијативи за подобрување на условите за децата.
Директорката Џенита Чехаиќ-Куло изјави за БТА дека заедно со библиотекарката Маша Хоџиќ ја пронашле програмата на бугарската амбасада во Сараево додека барале средства за реновирање и подобрување на наставата.
„Денес имаме целосно функционална библиотека благодарение на оваа програма и на поддршката и соработката со амбасадата и нејзините претставници во Сараево“, рече Чехаиќ-Куло.
Проектот се спроведува во три фази. Досега се обновени просторијата и мебелот и се набавени книги и компјутер. До крајот на годинава се очекува да заврши и третата фаза, која предвидува набавка на мултимедијална опрема, телевизор и таблети.
„Просторијата беше запуштена пред проектот. Беше целосно несоодветна за работа и ги немавме сите потребни услови“, изјави библиотекарката Маша Хоџиќ. Таа посочи дека со поддршка од бугарската амбасада е извршено целосно обновување, вклучувајќи дигитализација и набавка на нови книги.
Обновената библиотека беше отворена во октомври 2025 година, во присуство на бугарскиот амбасадор Валери Јотов, министерката за образование на Кантонот Сараево, Наида Хота-Муминовиќ, и градоначалникот на општина Илијаш, Амар Доваџија.
Денес просторот се користи за читање, учење и работилници. Книгите им се достапни и на учениците од трите подрачни училишта во Каменица, Гаеви и Драгорад, оддалечени меѓу 11 и 21 километар од централната училишна зграда. Бидејќи таму нема посебни библиотеки, библиотекарката и наставниците организираат доставување и размена на книгите.
Друг проект предвидувал проширување на единствената детска градинка во Бреза, со цел да се овозможи прием и на деца со посебни потреби. Планирана била изградба на две дополнителни простории со придружни простории и пошироки ходници.
Проектот, сепак, не е реализиран. Според директорката Азра Зечо, пречка се ограничувањата за градење на имот во државна сопственост.
„Ние сме мала заедница, мала градинка. Има многу поголеми градби што се запрени токму поради овој закон“, изјави Зечо за БТА.
Таа изрази благодарност до Бугарија и до бугарската амбасада за подготвеноста да помогнат, додавајќи дека контактите продолжуваат и дека се надева на реализација на соработката, дури и преку друг проект.
Долгогодишната бугарска поддршка за образованието е видлива и во Бања Лука. Основното училиште „Георги Стојков Раковски“, разурнато во земјотресот во 1969 година, било обновено во 1972 година со финансиска помош од Бугарија. Во знак на благодарност го добило името на бугарскиот револуционер и поет.
Училиштето и денес одржува врски со бугарската амбасада во Сараево. Учениците учествуваат во одбележувањето бугарски национални празници со песни и танци, а амбасадата им испраќа мартинки по повод Баба Марта.
Бугарија прва ја призна независноста на Босна и Херцеговина на 15 јануари 1992 година. Во Сараево тој чин е одбележан со споменик на пријателството, поставен на крстосницата меѓу улиците „Република Бугарија“ и „Алеја Босна“, изграден со заедничко финансирање од локалните власти и бугарската дипломатска мисија.
