| |

Меѓународна изложба со уметници од осум држави отворена во Софија по повод 130 години Национална ликовна академија

Меѓународната изложба „In Honorem Academiae – Во чест на Академијата“, посветена на 130-годишнината од основањето на Националната ликовна академија, беше отворена денеска во галеријата „Академија“ во Софија. Поставката обединува дела на уметници и професори од Бугарија, Германија, Италија, Полска, Унгарија, Турција, Кина и САД, објави БТА.

Куратор на изложбата е доц. д-р Васил Колев. Претставени се сликарство, графика, цртеж, калиграфија, фотографија, текстил, релјеф и видео. Делата обработуваат теми поврзани со природата, урбаната средина, личните доживувања, културната меморија и историското наследство.

„На 14 октомври 1896 година е отворено Државното цртачко училиште. Решивме да го одбележиме овој јубилеј еден ден порано, бидејќи свеченостите ќе продолжат и утре“, изјави на отворањето ректорот, проф. Георги Јанков.

Според него, целата 2026 година е во знакот на годишнината. Академијата организирала повеќе од 20 изложби во Бугарија, низа настани во Европа и научна конференција посветена на минатото, сегашноста и иднината на установата.

„Покрај тоа што е високообразовна установа, Академијата е и многу важна културна институција, не само во Бугарија, туку и во Европа“, нагласи Јанков.

Кураторот Васил Колев посочи дека изложбата го изразува професионалното доверие меѓу различни уметнички и академски заедници. Сите учесници се истовремено уметници и професори, кои развиваат сопствено творештво и ги образуваат следните генерации автори.

„Сто и триесет години историја значат генерации творци, професори и студенти што оставиле свој белег во бугарската култура. Јубилејот ни дава можност да му оддадеме почит на нивниот придонес и да погледнеме кон иднината — кон развојот на Академијата преку нови идеи, партнерства и комуникација со различни културни средини“, рече Колев.

Тој ја истакна улогата на меѓународната соработка, која се гради преку лични контакти, размена на искуства и заедничка работа.

„Слободата на творечкото изразување го прави овој дијалог можен. Таа му овозможува на уметникот да истражува, да експериментира, да поставува прашања и да го брани својот став“, додаде кураторот.

Со свои дела учествува и ректорот Јанков. На отворањето присуствуваа претставници на партнерски високообразовни установи од Милано, Хале, Будимпешта, Хангџоу и Одрин.

Јубилејната програма продолжува со документарната изложба „Фотографско патување“ во паркот „Кристал“, која ја следи историјата на Академијата од основањето до денес. За вечерва во 18 часот е предвидена и свеченост во Централниот воен клуб во Софија, со три тематски разговори за историјата и современиот развој на установата.

Настанот ќе го води новинарот Димитар Стојанович, а во музичката програма ќе настапат Академскиот хор „Св. Параскева“, Александар и Константин Владигерови и Стоил (Стју) Иванов.

До крајот на годината се планирани уште изложби, меѓу кои во Гдањск, Полска, и во Бугарскиот културен институт во Берлин, каде што во ноември треба да се одржи завршен настан од јубилејната програма.

Националната ликовна академија е основана во 1896 година како Државно цртачко училиште. Одбележувањето на јубилејот е под покровителство на бугарското Министерство за образование и наука, а медиумски партнери се БТА и Бугарското национално радио.



Слични Објави