Сибиха ѝ се заблагодари на Бугарија за спасувањето на украинските морнари
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ѝ се заблагодари на Бугарија за спасувањето на украинските морнари повредени при рускиот напад врз трговскиот брод „Челси 3“ во Црното Море, пренесе БГНЕС.
„Благодарен сум ѝ на Бугарија и на нашите бугарски пријатели за спасувањето на украинските морнари повредени при рускиот напад врз трговскиот брод „Челси 3“. Повредените ја добиваат потребната медицинска помош. Им благодарам на бугарските спасувачи и медицинските екипи за професионалноста и брзата реакција“, напиша Сибиха на социјалната мрежа Х.
Тој го оцени најновиот руски напад врз цивилен пловен објект во близина на Бугарија како доказ за непочитувањето на Москва кон човечкиот живот и безбедноста на пловидбата во Црното Море.
„Ги повикуваме нашите партнери да го засилат притисокот врз Русија и да гарантираат дека овие напади нема да останат без одговорност. Слободата на пловидбата не смее да зависи од руските удари и закани“, додаде украинскиот министер за надворешни работи. Тој нагласи дека безбедноста на Црното Море и слободата на пловидбата се од заеднички интерес.
БГНЕС потсетува дека на 13 октомври малтешкиот товарен брод „Челси 3“ беше нападнат на околу 18 наутички милји источно од Бјала. Шестмина морнари беа повредени, а целиот екипаж од 15 лица – седум украински и осум азербејџански државјани – беше евакуиран. Петмина од повредените беа сместени во болницата „Св. Ана“ во Варна, а шестиот – во Военомедицинската академија. Во одделен инцидент истата ноќ товарниот брод HS Dignity, кој пловел под знамето на Гвинеја-Бисао, беше нападнат со дронови и потона во близина на Крапец. Петмина морнари беа спасени, четворица од нив пристигнаа во Варна, а потрагата по останатите членови на екипажот продолжува.
