Бугарија повика на порешителен меѓународен одговор на организираниот криминал
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев повика на поефикасна меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал, во обраќањето на 13. сесија на Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на ОН против транснационалниот организиран криминал во Виена. Ова го соопшти Постојаното претставништво на Бугарија при ОН, ОБСЕ и другите меѓународни организации во Виена.
Демерџиев ја нагласил посветеноста на Бугарија на заедничкиот одговор на криминалните мрежи што ги користат новите технологии, навлегуваат во легалната економија и ја загрозуваат безбедноста на општествата.
Како клучни приоритети ги издвоил засилената размена на информации и потесната координација меѓу органите за спроведување на законот, како и борбата против трговијата со дрога, трговијата со луѓе, сајберкриминалот и корупцијата. Посебен акцент ставил на заштитата на децата и младите.
Во рамките на форумот, Демерџиев остварил билатерална средба со извршната директорка на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ), Моника Џума.
На средбата биле разгледани можностите за продлабочување на соработката преку заеднички иницијативи, размена на стручни знаења и зајакнување на институционалните капацитети, се наведува во соопштението.
