Прва посета на бугарскиот патријарх Даниил на Света Гора од 21 до 24 октомври
Бугарскиот патријарх Даниил од 21 до 24 октомври ќе престојува во својата прва посета на Света Гора – Атон, соопшти Бугарската патријаршија, пренесува БНТ.
Патријархот ќе ја посети монашката република на покана на братството на Зографскиот свет манастир „Св. великомаченик Георгиј Победоносец“.
Поглаварот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија (БПЦ-БП) ќе посети и други свети манастири, а ќе се сретне и со Светиот Кинотис, кој е врховен административен, законодавен, извршен и судски орган на монашката заедница на Света Гора.
Бугарскиот патријарх Даниил ќе го предводи и бдението по повод празникот на светите 26 Зографски маченици, кои ги жртвувале своите животи за православната вера и биле изгорени од Латините во 1274 година.
Тој ќе се сретне и ќе разговара со братството на светата обител, а ќе им се поклони и на светињите што се чуваат во словенобугарскиот манастир, соопшти Бугарската патријаршија.
На Света Гора се наоѓаат православни манастири, а главен град и административен центар е Кареја.
На 4 февруари бугарската влада во оставка одобри финансирање во износ од 1,5 милиони евра за капитални расходи, со цел продолжување на активностите поврзани со реконструкцијата на патот од пристаништето до манастирот „Св. великомаченик Георгиј Зограф“ на Света Гора, соопшти тогаш владината прес-служба.
На овој начин ќе се овозможи многубројните поклоници од земјата и од странство да го посетуваат манастирот, кој е дел од колективен споменик на културата од светско значење, вклучен во листата на УНЕСКО.
Со реконструкцијата ќе биде олеснет и обезбеден пристапот до манастирот, појаснија тогаш од бугарската Влада.
