| |

Бугарската влада одобри измени на Правилникот за инклузивно образование поврзани со образованието на децата и учениците со посебни потреби

Советот на министри на Бугарија одобри измени на Правилникот за инклузивно образование, со кои се прецизираат организацијата на наставата и поддршката за децата и учениците со посебни образовни потреби, како и координацијата меѓу стручните лица од различните институции. Ова го соопшти владината прес-служба, пренесува БТА.

Правилникот има цел да го ограничи прекумерното намалување на фондот на наставни часови за учениците со посебни образовни потреби, при што намалувањето не смее да надмине 50 проценти. Дополнително, кога се предлага изоставување на одреден наставен предмет, тимот за поддршка треба да наведе конкретни причини, а одлуката се носи откако родителот ќе се запознае со нив. Со измените се зајакнува образовната поддршка за учениците, за нивното образование да биде поцелосно и приспособено на индивидуалните можности. Овие одредби веќе се воведени и во Правилникот за наставниот план.

Со друга измена се прецизира организацијата на дополнителната поддршка за личен развој што ја обезбедуваат градинките, училиштата и центрите за посебна образовна поддршка. Правилникот појасно ја уредува заедничката работа на тимовите со стручните лица од социјалната и здравствената заштита во конкретни случаи кога на детето му е потребна посложена поддршка. Тоа ќе помогне во воспоставувањето конкретни правила за соработка меѓу различните институции, за децата да добиваат посеопфатна грижа.

Со правилникот појасно се дефинираат и активностите на ресурсните наставници и социјалните работници во образованието, како и нивната улога во процесот на инклузивно образование. За ресурсните наставници се прецизира дека работат и индивидуално со децата и во групата во градинката или во одделението. Со тоа се поттикнуваат активноста и целосното вклучување на децата со посебни образовни потреби во животот на градинката и училиштето. Социјалните работници во градинките и училиштата треба да им помагаат не само на децата во ризик, туку на сите на кои им е потребна поддршка.

Се менува и постапката за спроведување скрининг за утврдување на ризикот од тешкотии во учењето кај тригодишните деца во градинките. Како прв чекор се воведува следење на целокупниот развој на децата преку посебен инструментариум, кој во моментов се изработува. Доколку следењето покаже потреба, ќе се спроведе и дополнителен скрининг за утврдување на тешкотиите во учењето.

Тоа, од една страна, ќе ја олесни работата на педагошките стручни лица, а од друга ќе овозможи попрецизно следење на развојот и понасочена работа со децата на кои им е потребна дополнителна поддршка.

За родителите на ученици со посебни образовни потреби се воведува и олеснување при поднесувањето документи за упис во осмо одделение. Тие ќе можат да ги поднесуваат во Регионалниот центар за поддршка на процесот на инклузивно образование, без да мора повторно да ги доставуваат до Регионалната управа за образование.

Со измените се ажурираат и одредени одредби и термини во правилникот, за да се усогласат со веќе усвоеното и важечко законодавство, појаснуваат од владината прес-служба.

„Само преку добро партнерство меѓу родителите, педагошките стручни лица и институциите можеме да се справиме со големите предизвици во образовниот систем“, изјави на 28 мај 2025 година тогашниот министер за образование и наука Красимир Валчев, кој ги додели првите Национални награди за инклузивно образование, соопшти тогаш прес-центарот на Министерството за образование и наука.

Слични Објави