БОРИСОВ: ИСТОРИСКА ГРЕШКА ЌЕ БИДЕ ОДБИВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ДА ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ
Бугарскиот премиер Бојко Борисов ја определи како историска грешка можноста Македонија и Албанија да не добијат датум за почеток на преговорите со ЕУ.
„Тоа ќе биде тежок удар за народите на двете држави кои заслужуваат да им биде дадена европерспектива“, изјави денеска Борисов пред почетокот на состанокот на лидерите на ЕУ на кој треба да се расправа и за проширувањето на Унијата.
„Доколку биде направена таква грешка тогаш не треба да се лутиме за проблемите што ќе настанат – што ќе има џихадисти, влијанија од Русија, Турција или Кина. Тој вакуум не може да опстојува и ќе мора да биде пополнет од некој друг и тоа не е добро за Бугарија, истакна претседателот на бугарската Влада.
„Македонија според население и територија е колку Софија и каков ризик може да биде? Таа е како мал европски град и не е во ред да си го покажуваме карактерот против нив. Не сум согласен со тоа. Но, многу од големите европски држави имаат внатрешни проблеми и најлесно е да најдеш надворешен непријател на кого ќе ја префрлиш вината, изјави Бојко Борисов.

