Институтот за јавни политики со панел дискусија за предизвиците пред Македонија пред самитот на НАТО во Брисел
Институтот за јавни политики од Скопје, денеска во хотелот „Мериот“ организираше панел дискусија на тема: „Предизвиците на Република Македонија, пред самитот на НАТО во 2018 г.“. Панелисти на дискусијата беа: Проф. Д-р Стево Пендаровски, национален координатор за членство на Република Македонија во НАТО, капетан Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата на НАТО во Скопје, г-ѓа Нора Алити, поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија и проф. д-р Стојан Славески, директор на Дирекцијата за безбедносно класифицирани информации.
Во своите излагања панелистите обрнаа внимание врз важноста на пристапувањето на Македонија кон атлантскиот пакт, но исто така укажаа дека и во случај Македонија да не добие покана за членство во Алијансата на престојниот самит во Брисел, реформите во правосудството, унапредувањето на меѓуетничките односи и транспарентното работење на институциите не треба да застанат и да не се губи ентузијазмот за интеграција.
Проф. Д-р Стево Пендаровски истакна дека Македонија полека излегува од анти НАТО расположението што беше наметнувано во последните десет години за време на претходната владејачка гарнитура. Пендаровски подвлече дека за Македонија членството во НАТО не е за да стане закана за било кого од соседите или за Русија, туку за да постигне напредок во решавањето на голем број внатрешни проблеми, како владеењето на правото, меѓуетничките односи и подобрувањето на целосната слика на живеење во нашата земја. Координаторот за членство на Република Македонија во НАТО изјави дека Македонија денес го има истиот статус како пред самитот во Букурешт 2008, кога единствената пречка, во моментов е спорот за нашето име со Грција.
Шефот на Канцеларијата на НАТО во Скопје, капетан Горазд Бартол ги поздрави напорите на Македонија за доближување на Македонија до северноатлантскиот пакт. Бартол тука ги спомна интензивирањето на преговорите со Грција и секако потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија.
Нора Алити изјави дека изминатите десет години биле изгубени на патот кон НАТО и подвлече дека не треба да влегува од еден екстремитет во друг кога се работи за тоа, какви се перспективите пред Македонија, ако не добие покана за членство на самитот во Брисел.
Проф. Стојан Славески прв човек на Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации изјави дека едни од главните предизвици на Македонија се департизацијата на институциите и превработеноста. Професор Славески подвлече дека интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ можеби не е единственото решение за нашата земја, но е најдобрата опција за нас како држава.
На панел дебатата учествуваше и претседателот на Граѓанско демократската унија-ГДУ, Петар Колев. Токму ГДУ беше претставена, како партија која е на отворена про НАТО позиција, од страна на модераторот на панел дискусијата Неџад Мехмедовиќ од Институтот за јавни политики од Скопје.