ЗАТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ – ПРИЧИНА ЗА КРУПНИОТ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

На претходната власт во Македонија криминалот и корупцијата тотално и излегоа од контрола, што го покажаа и прислушуваните снимки, се чудеа како пред јавноста да сокријат убиства – зошто тие не може да се сокријат, се мислеа да не претеруваат со големината на провизиите – за да не биде премногу очигледно, се прислушуваа меѓусебно за да имаат секој за секого прислушувани материјали за сечии криминали и лични слабости како заштита од нелојалност и излегување од контрола, је трупаа незаконски државната администрација на штета на сите во државата – но за лична корист, да купат уште некој ден на власт, и така натаму, на сите можни „мангупски“ варијанти ја злоупотребуваа моќта на ВЛАСТА. Дури не се ни криеа многу, зошто беа сигурни дека за кратко ќе ја купат целата држава, ќе направат да биде монархија а тие да бидат монарсите и кралското семејство ! Не сте чуле дека постоел таков проект, и дека затоа бараа се да биде во барок, кралски, а објектите ги крстеа „Ројал“ и сл? Тотално лудило ! Тоа беше врвот на кризата во Македонија – до која доведе изборниот систем со затворени листи.


Тоа што никој нормален не можеше да поверува дека ќе се организира во Македонија – му „текна“ на Груевски, си ги постави најблиските роднини на најважните места во државата, сметајќи дека крвната врска гарантира лојалност и кооперативност од нив, а сите останати ги врза со меници за да не смеат да одбијат ниедна наредба ! Класичен мафијашки систем: или ќе ме слушаш – или ќе те нема тебе или твоите најмили ! На тој начин се украдоа и изнесоа од државата милијарди, и се инсталира во државниот систем таква мафија која до денес одработува и ги оневозможува институциите да ја спроведуваат правдата. Па како можеше тоа да ни се случи, и зошто тоа беше возможно? Дали сме ние такви луѓе, склони на криминал и корупција, и некој да не контролира и малтретира? Фала богу – не, а доказ за тоа е што луѓето се селат од државата, не можејќи да ја поднесуваат таа состојба, а таму каде што ќе заминат – таму се максимално лојални и квалитетни граѓани, кои ги почитуваат законите и прописите во државата. Тогаш каде е проблемот? Зошто ова ни се случува во Македонија? Едноставно – затоа што може, затоа што изборниот систем со затворени изборни листи остава можност тоа да се случува, сосема законски и легално.


И што се случува сега со новата власт, која на крилата на Шарената револуција дојде на власт и која имаше толку големи и револуционерни идеи? Зошто сега ни се случува Рекет, корупцијата и криминалот не се решаваат, има огромен притисок за вработување во државната администрација а предметите на СЈО никако не може да се решат и застаруваат? За среќа одговорот е едноставен – заради затворените изборни листи, и лесно е решлив – со воведување на отворени изборни листи !


За да има вистинска борба со криминалот и корупцијата во Македонија потребен е еден главен услов – независно судство ! Со проста логика се доаѓа до заклучок дека сега во Македонија немаме независно судство, и дека не можеме ни да го имаме – се додека имаме изборен систем со затворени листи, кои се и непосредната причина за зависноста на судството од власта. Прво и основно, кој го прави изборот на судиите – политичарите, во владата и собранието. Кој решава за висината на нивните плати и паушали – политичарите. Кој решава за нивното напредување во кариерата – политичарите. Ова значи дека без стручни и чесни политичари – нема теоретска можност за независно судство.


А како се поставуваат политичарите во Македонија? Со системот на затворени изборни листи пратениците на изборната листа ги поставува лидерот на партијата, и колку е полојален и попослушен кандидатот – толку е на повисоко и посигурно добитно место на листата за пратеник, а потоа од тие пратеници, лојални и послушни, лидерот и иден премиер ги бира идните министри. Да не зборуваме за министрите кои не се од пратеничката листа, како и за директорите на институциите и јавните претпријатија – нема шанса на тие места да се постави било кој ако не е максимално лојален и послушен на премиерот. Па тогаш кој решава за вработувањето на судиите и обвинителите, за нивните плати, унапредувања итн. – премиерот, со помош на неговите послушни и лојални политичари ! Па како тогаш сакаме да имаме независно судство? Затоа и воопшто не е чудно што ова ни се случува денес во судството и државата, премиерот е главниот полицаец, судија и се во државата, а останатите луѓе во државниот систем се само послушни спроведувачи на неговата волја. Или во македонскиот пример – волјата на двата главни лидери во македонскиот и албанскиот блок. И што да прави обичен човек во таква ситуација, како да се бори за правна држава и чесен живот? Може или да се покори и помири со лошата судбина – или да си оди од државата, бидејќи со овој систем на затворени изборни листи секоја борба е бесмислена и самоубиствена. Да не ги наведуваме бројните примери на чесни луѓе кои, барајќи правда, настрадале во овој наш зависен судски систем.


И што се случува сега? Оние што ќе ја напуштат Македонија – ја проколнуваат својата земја и системот во неа што ги натерал да ја напуштат, но гледајќи како во другата држава се заштитени и како институциите и државниот систем функционираат – со тешко срце велат дека никогаш нема да се вратат во родната земја да живеат, се додека не се смени овој систем. А оние што остануваат? Тие се вклопуваат во системот на криминал и корупција, па ако може премиерот и министрите да крадат од буџетот и да си ги обезбедуваат семејствата за долги години – па зошто и тие да не можат да поткраднат малку за задоволување на основните потреби, зошто платата е мала, нели? Ако премиерот и министрите може да земаат толкави провизии за секој тендер или договор – па зошто и тие да не може да земат малку мито и да ја искористат позицијата на која се наоѓаат. Па еднаш се живее, нели, државата е на сите, и ако не земат тие – ќе земе некој друг, а тие ќе испаднат будали? И така се создава култура на криминал и корупција кај граѓаните во државата, и секој секого го штити и крие за да може и самиот да го користи тоа, а и да не биде пријавен. И како ова да се смени при ист изборен систем со затворени лчисти, кој оваа ситуација ја создал ? Невозможно !


Епа како тогаш тоа отворените изборни листи на волшебен начин ќе го решат?
Се е многу едноставно, системот работи сам од себе. При изборен систем со отворени листи пратеници ќе станат оние кандидати од листата кои ќе добијат најмногу гласови, а не најлојалните и најпослушните на лидерот на партијата, и тогаш тие ќе мораат да бидат чесни и да ги остварат ветувањата кои им ги дале на своите гласачи, на кои ќе мораат да им бидат лојални а не на лидерот. Дури и лидерот ќе мора да им биде лојален на кандидатите со најмногу гласови затоа што неговата партија победила на изборите заради нив, а преку тие кандидати ќе мора да им биде лојален и на нивните гласачи. Тоа е таа ситуација кога ИЗБОРНАТА МОЌ, од рацете не лидерите при затворени листи, се пренесува во рацете на граѓаните при отворените листи. Епа ако премиерот мора да биде чесен и да не смее да ја злоупотребува службената положба, ако неговите министри се лојални на своите гласачи и максимално чесно и стручно работат, штитејќи ги правата и интересите на тие гласачи – тогаш кој ќе смее во хиерархијата надолу да не работи така? При секоја основана дојава од граѓаните или објава од медиумите за криминално или коруптивно работење – тој функционер од подолната хиерархија ќе биде веднаш казнет, или дири може и да лета од работа ! Ете зошто така добро функционираат државите во ЕУ и зошто нашите иселени граѓани максимално лојално и чесно живеат таму – заради изборниот систем со отворени листи !


Ова е само уште еден мотив повеќе за итна широка акција во општеството, од сите наши граѓани од сите националности, за поттикнување на процесот на промената на изборниот закон, кој за среќа веќе е и започнат, и за итно воведување на отворените изборни листи во изборниот систем, најнапред за спас на државата и за нормализирање на животот во неа, а потоа и за враќање на нашите иселени граѓани и за обезбедување пристоен и чесен живот дома.
И еден пластичен пример за функционирањето на изборниот систем со отворени листи: Косово беше дувло на криминалот и корупцијата во регионот, а командантите на УЧК Тачи и Харадинај ја окупираа државата и правеа во неа што сакаат, малтретирајќи ги сопствените граѓани. Под притисок на меѓународната заедница таму се смени изборниот систем и се воведоа отворените изборни листи, и што се случи на првите парламентарни избори – се виде граѓанската волја и елегантно се смени диктаторската власт, која со затворените листи немаше теорија да се смени, а избраните политичари ќе мораат да им служат на граѓаните од кои се избрани, не на лидерот – Господ ! Затоа, ако под итно и ние не го смениме изборниот модел и воведеме отворени листи – не ќе смееме да се чудиме ако и Косово наскоро не стигне и престигне како држава, по сите параметри, па дури и да влезе во ЕУ пред нас !

Автор: Елизабета Најдоска Величкова