Ерменија победи на детската „Евровизија“ 2026 во Малта, бугарската пејачка Дара учествуваше во шоуто
Ерменија победи на 24. издание на детскиот музички натпревар „Евровизија“, кој се одржа на 24 октомври во Малта, соопштија организаторите, пренесува БТА.
Победничка е 13-годишната Наре со песната Boo!, која доби 202 поени. Во музичката програма учествуваше и бугарската пејачка Дара (DARA), победничка на годинашната „Евровизија“ за возрасни. Ова го објави официјалната интернет-страница на „Евровизија“.
Дара ја изведе својата победничка песна Bangaranga во паузата на натпреварувачката програма. На сцената настапи и минатогодишната победничка на детската „Евровизија“ – Лу Делез од Франција, која ја претстави песната Ce Monde.
За Ерменија ова е трета победа на детскиот музички натпревар, по успесите во 2010 и 2021 година. Наре, која е од Ереван, четирипати учествувала во националниот избор пред да добие можност да ја претставува својата земја на меѓународната сцена.
На второто место се пласираше 10-годишниот Лукас Паулано од Шпанија со песната Cuore Bello (Te Quiero, Te Quiero) и 184 поени, а трет заврши 12-годишниот Алек од Франција со Comment Tu Vas? и 165 поени.
На натпреварот учествуваа 48 млади изведувачи на возраст од 9 до 14 години од 16 држави. Настанот се одржа пред околу 4.000 гледачи во Малтешкиот центар за саеми и конгреси, а милиони го следеа на телевизија и онлајн.
Победникот беше одреден преку гласање на националните жирија и онлајн-гласање на публиката, при што двата вида гласање учествуваа со по 50 проценти во конечниот резултат.
Водителки на шоуто беа пејачките Гаја Каучи и Дестини, поранешни победнички на детската „Евровизија“, заедно со телевизискиот водител Кин Кутаџар. Натпреварот се одржа во градот Та’ Кали, а Малта беше домаќин по третпат.
