ЕК изрази солидарност со Бугарија по најновиот напад со дронови во Црното Море
Европската комисија изрази солидарност со Бугарија по најновиот напад со дронови во Црното Море, во близина на бугарскиот брег. Портпарол на Европската комисија ги оцени последните напади како опасна и неприфатлива ескалација, јавува БНТ.
ЕК смета дека нападите ги загрозуваат регионалната поморска безбедност, интересите на Европската Унија и меѓународната заедница, која се потпира на синџирите на снабдување преку Црното Море.
„Тие се последица на агресивната војна на Русија против Украина“, нагласи портпаролот.
Тој предупреди дека се загрозени човечки животи, светската трговија, безбедноста на снабдувањето со храна и критичната инфраструктура.
Европската Унија повикува на безбедно и отворено Црно Море во интерес на Украина, земјите членки и меѓународната заедница.
ЕК ја потврди својата подготвеност да соработува со Бугарија и Романија за прашањата поврзани со поморската безбедност, вклучително и за изградба на центарот за поморска безбедност во двете држави.
