Бугарскиот министер В’лчев и еврокомесарката Екатерина Захариева зборуваа за поголема поддршка на научните истражувања во Бугарија преку европско финансирање, привлекување научници и посилна соработка меѓу науката и бизнисот
Можностите за поактивно учество на бугарските универзитети и научни организации во европските програми за научни истражувања, како „Хоризонт Европа“, привлекувањето висококвалификувани научници во земјата и зајакнувањето на врската меѓу науката и бизнисот беа главни теми на средбата меѓу министерот за образование и наука на Бугарија, проф. Георги В’лчев, и европската комесарка за стартапи, научни истражувања и иновации, Екатерина Захариева, во Министерството за образование и наука.
Министерот В’лчев посочи дека Бугарија презема мерки за поттикнување на научноистражувачката дејност во високообразовните установи. „Оваа година бројот на истражувачки универзитети во Бугарија се зголеми за уште два, иако критериумите беа заострени. Во иднина тие ќе добијат дополнителна поддршка“, рече министерот.
Еврокомесарката Захариева го нагласи значењето на инвестициите во научните истражувања и иновациите за конкурентноста на Европа. Таа истакна дека, и покрај буџетските ограничувања со кои се соочуваат европските држави, потребни се дополнителни напори за поттикнување на научната дејност и поцелосно искористување на можностите за финансирање преку програмата „Хоризонт Европа“.
На средбата беше претставена идеја за создавање програма за дополнително поттикнување на учеството на бугарските високообразовни установи и научни организации во европските програми за научни истражувања. Меѓу разгледаните теми беше обновувањето на националниот механизам за финансирање квалитетни проектни предлози што успешно ја поминале европската оценка, но не добиле финансиска поддршка. Беше поставено и прашањето за обезбедување одржливост на научноистражувачките активности по завршувањето на проектите финансирани преку европските програми и Планот за закрепнување и отпорност.
Беше разгледана и можноста за развивање национална иницијатива „Избери ја Бугарија“, по примерот на европската иницијатива „Избери ја Европа за наука“. Целта е да се поттикне привлекувањето висококвалификувани истражувачи во Бугарија, со фокус на бугарските научници што работат во странство.
Во разговорот беше ставен акцент и на развојот на трансферот на технологии и соработката меѓу универзитетите, научните организации и бизнисот. Беше разгледано создавањето координативен центар во „Софија Тех Парк“, кој би ја поддржувал соработката меѓу научните институции и претпријатијата. На средбата се разговараше и за потребата од подобрување на пристапот на младите научници и истражувачи до постојната научна инфраструктура.
Во разговорот учествуваа и замениците-министри за образование и наука, проф. Сења Терзиева и академик Николај Витанов, како и директорката на Дирекцијата за наука при Министерството, Јанита Жеркова.
