Министерот В’лчев: Бугарија докажа дека може да се вброи меѓу водечките истражувачки сили на Антарктикот
Во изминатите години Бугарија докажа дека може да се вброи меѓу водечките истражувачки сили на Антарктикот. Малкумина ја имаат оваа привилегија, а нашите научници со чест и достоинство ја извршуваат својата мисија. Ова го изјави министерот за образование и наука на Бугарија, проф. Георги В’лчев, на церемонијата по повод испраќањето на бугарскиот научноистражувачки брод НИК 421 „Св. св. Кирил и Методиј“ во неговата петта мисија на Антарктикот.
Министерот нагласи дека ваквите истражувачки програми ги зголемуваат меѓународниот углед и видливоста на Бугарија и им даваат нова самодоверба на бугарските научници. Тој го истакна и значењето на соработката меѓу високообразовните установи и споделувањето ресурси и стручни знаења.
„Тоа е иднината – да ги обединиме најдобрите стручњаци и ресурси“, посочи министерот В’лчев.
Воениот научноистражувачки брод „Св. св. Кирил и Методиј“, под команда на капетан од втор ранг Радко Муевски, исплови во својата петта антарктичка мисија, со планирано 45-дневно патување до Антарктикот. Со екипаж од 26 члена, бродот обезбедува самостојна логистика, превоз на научници, опрема и товар, како и можности за морски истражувања. Првпат, 12 научни проекти ќе бидат реализирани целосно на бродот. Новата специјализирана опрема ќе ги прошири можностите за научни набљудувања, мерења и земање примероци.
Во 2026–2027 година се спроведува 35. бугарска антарктичка експедиција, во чии рамки ќе бидат реализирани 35 научни проекти со учество на бугарски научници и истражувачи од Романија, Обединетите Арапски Емирати, Грција, Кина, САД, Уругвај, Португалија, Еквадор, Колумбија, Црна Гора, Норвешка и Бразил.
Истражувањата опфаќаат геологија, сеизмологија, клима, екологија, морска биологија, медицина, општествени науки и други области. Предвидени се три теренски кампа, а екипажот на бродот има задача да постави камп и на соседен остров. Во експедицијата ќе учествува и млад истражувач, победник на конкурс за млади научници.
На официјалната церемонија на Поморската станица во Варна учествуваа началникот на Високото воено поморско училиште „Н. Ј. Вапцаров“, флотилен адмирал проф. д-р Калин Калинов, и директорот на Бугарскиот антарктички институт, проф. Христо Пимпирев.
Поздравно обраќање во име на претседателката Илијана Јотова прочита нејзиниот советник за воена безбедност, вицеадмирал Митко Петев, а во име на министерот за одбрана Димитар Стојанов се обрати шефот на неговиот политички кабинет, Владко Владов.
Меѓу присутните беа градоначалникот на Варна, Благомир Коцев, обласниот управител Марио Смрков, новоизбраниот потпретседател Кирил В’лчев, заменик-командантот на Воената морнарица, флотилен адмирал Вањо Мусински, бугарскиот амбасадор во Аргентина, Јанко Јорданов, и други.
