| |

Јотова: Бугарија треба да го развива металуршкото производство и да стане дел од автомобилската индустрија

Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, го истакна значењето на металургијата за националната економија и изрази надеж дека земјата во иднина ќе стане дел и од автомобилската индустрија. Таа се обрати на свеченоста по повод Денот на металурзите и 35-годишнината од основањето на Бугарската асоцијација на металуршката индустрија, одржана во „Гранд хотел Милениум“ во Софија, јавува БТА.

„Бугарската металургија отсекогаш била значаен дел од бугарската индустрија“, изјави Јотова, нагласувајќи дека металурзите имаат клучна улога во развојот на економијата, иако нивната работа често останува надвор од вниманието на јавноста.

Таа посочи дека металуршката индустрија учествува со 18 проценти во бруто-домашниот производ на Бугарија и изрази желба овој удел дополнително да се зголеми.

Според Јотова, Бугарија не треба да се ограничува само на извоз на суровини, туку треба да го развива производството на производи со поголема додадена вредност.

„Мојата желба е Бугарија да не извезува само суровини. Знаеме дека она што го произведувате е со висока додадена вредност и многу добар квалитет, но зошто да не оствариме една желба – по вашето производство да има уште најмалку две фази на преработка за добивање нови производи од бугарските метали, а потоа, зошто да не станеме дел и од автомобилската индустрија“, изјави Јотова.

Таа нагласи дека еден од главните предизвици за секторот е недостигот од квалификувана работна сила, поради што државата треба да посвети поголемо внимание на образованието и подготовката на стручни кадри за металуршките компании.

Осврнувајќи се на прашањето за јаглеродните емисии, Јотова посочи дека бугарската влада треба внимателно да ги следи решенијата што ќе бидат вклучени во следната годишна финансиска рамка.

Свеченоста се одржа под покровителство на бугарскиот премиер Румен Радев. На крајот од обраќањето, Јотова им посака на металурзите успешно да се справуваат со предизвиците и да има повеќе компании кои се грижат за своите вработени.

Слични Објави