БНТ планира реорганизација на БНТ 4 со поголемо учество на Бугарите во странство
Бугарската национална телевизија (БНТ) планира реорганизација на каналот БНТ 4 со цел поголемо вклучување на бугарските заедници во странство во националниот јавен живот и дебата. Ова го најави генералната директорка на БНТ, Милена Милотинова, на концертот по повод десетгодишнината од основањето на Асоцијацијата на бугарските фолклорни ансамбли во странство, одржан на 7 ноември во Софија, пренесува БТА.
„Размислуваме како да го преобразиме БНТ 4, така што комуникацијата да не биде еднонасочна, со информации од Софија кон вас, туку двонасочна – да го вклучува и вашиот живот, вашите проблеми и успеси“, изјави Милотинова.
Таа нагласи дека милиони Бугари живеат надвор од земјата и дека нивните заедници заслужуваат поголема застапеност во бугарскиот јавен простор.
Милотинова ги повика бугарските организации во странство да учествуваат во планираните промени на БНТ 4 со свои предлози и мислења. Според неа, заедничката соработка може да придонесе за создавање широка дописничка мрежа што ќе го поврзува бугарското иселеништво со татковината.
Таа ја истакна и улогата на фолклорните ансамбли во зачувувањето на бугарските традиции и националниот идентитет кај младите генерации во странство.
Концертот, посветен на десетгодишнината од Асоцијацијата на бугарските фолклорни ансамбли во странство, се одржа под покровителство на претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, со учество на бугарски фолклорни групи и хорови од повеќе земји.
