Деца од бугарските училишта во Европа учествуваа на меѓународен фолклорен фестивал во Софија
Првото издание на меѓународниот младински фестивал „Фолклорни ритми под родниот покрив“ се одржа на 7 и 8 ноември во Домот на културата „Искар“ во Софија, со учество на деца од бугарските училишта во повеќе европски земји. Програмата опфати народни песни, инструментална музика и танци, како и натпревар за најдобра изведба, јави Радио Бугарија.
На фестивалот настапија фолклорни состави од бугарските училишта „Проф. Иван Шишманов“ во Виена, „Асен и Илија Пејкови“ во Рим, „Христо Ботев“ во Братислава и Букурешт, како и ученици од училиштето „Алберт Ајнштајн“ во Софија.
Настанот беше организиран по иницијатива на фондацијата „Цвјатко Благоев“, со поддршка од Извршната агенција за Бугарите во странство и Сојузот на бугарските музички и танцови дејци, додека Бугарското национално радио (БНР) беше медиумски партнер.
Во рамките на фестивалот се одржа натпревар на кој настапите ги оценуваше жири составено од истакнати претставници на бугарската музичка и фолклорна сцена. На наградените учесници им беа доделени дипломи, плакети и пехари.
Посебно внимание привлече првиот настап на новоформираната танцова група од бугарското неделно училиште „Асен и Илија Пејкови“ во Рим, предводена од Милена Евгениева. Децата, на возраст од пет до девет години, ги подготвиле своите настапи за само три недели.
„Љубовта кон Бугарија и кон сè што е бугарско не исчезнува, без оглед на тоа колку долго живееш во странство“, изјави Евгениева за Радио Бугарија.
Фестивалот се реализираше во рамките на проектот „Богатството на бугарскиот јазик и фолклор, споделени со децата во странство“, финансиран преку програмата „Европа“ на Општина Софија. Организаторите се надеваат дека манифестацијата ќе прерасне во традиционален настан.
