Бугарскиот уметник Радостин Бекирски ќе изложува во модната куќа „Карл Лагерфелд“ во Париз
Бугарскиот уметник Радостин Бекирски, кој со години живее и работи во Амстердам, од 16 до 20 ноември ќе ја претстави својата изложба „Сценариото и актерската екипа – Икони“ во простор на модната куќа Maison Karl Lagerfeld во Париз, јавува 24 часа. Изложбата се организира на покана и со поддршка на тимот на Карл Лагерфелд, кој го продолжува творечкото наследство на познатиот моден дизајнер.
Изложбата опфаќа портрети на познати личности од светот на модата, филмот, музиката и фотографијата, меѓу кои Донатела Версаче, Карин Ројтфелд, Ева Херцигова, Изабел Ипер, Памела Андерсон, Селин Дион, Амбер Валета и Анук Јај. Дел од колекцијата е и дело инспирирано од Карл Лагерфелд, изработено како композиција што комбинира различни уметнички техники.
Неколку дела на Бекирски веќе се во сопственост на познатите личности што ги инспирирале. Во 2022 година, за време на Париската модна недела, тој ѝ подарил портрет на британската манекенка и актерка Кара Делевињ, а во октомври 2025 година лично ѝ предал слика на Парис Хилтон.
Негово дело поседува и Карин Ројтфелд, поранешна главна уредничка на францускиот „Вог“. Сликата е изложена во нејзиниот дом и е претставена во списанијата Architectural Digest, Vogue Living Netherlands и Purple Magazine.
Бекирски е роден во Благоевград, Бугарија, каде што се школувал во областа на текстилот и облеката. На 18-годишна возраст се преселил во Амстердам, каде што работел како диџеј, музички автор и стилист, соработувајќи со познати личности од модната и музичката индустрија.
Со сликарство започнал да се занимава за време на пандемијата.
„За време на пандемијата почнав да сликам“, раскажува Бекирски, кој своите први поголеми дела ги создал во мало ателје во домот на својата сестра во Амстердам.
Неговите слики најчесто се изработени со јаглен и маслени бои или со комбинирана техника. Меѓу најголемите дела е портретот на Донатела Версаче, на кој работел околу две години.
Во своето творештво Бекирски не се стреми кон целосна фотографска прецизност, туку кон пренесување на карактерот и емоцијата на личностите што ги слика.
„Несовршенството создава емоција. Совршенството им припаѓа на машините и системите“, вели бугарскиот уметник.
