Софија е домаќин на европски форум за иднината на аеродромската трговија
Над 100 претставници на воздухопловната индустрија и трговски партнери од цела Европа учествуваат на 43. состанок на Трговскиот форум на ACI EUROPE во Софија, Бугарија, чиј домаќин е „СОФ Конект“. Ова е објавено на официјалната фејсбук-страница на софискиот аеродром „Васил Левски“.
Форумот е посветен на иднината на аеродромската трговија и на улогата на приходите од невоздухопловни дејности во економската одржливост на аеродромите во услови на променливо деловно опкружување.
„Од приходите на европските аеродроми, 38 отсто доаѓаат од невоздухопловни дејности, што покажува колку е значајна нивната улога за одржливоста на целокупното работење“, изјави Хесус Кабајеро, главен извршен директор на „СОФ Конект“ и член на управниот одбор на ACI EUROPE.
Тој нагласи дека приспособувањето на трговските стратегии е клучно за долгорочната конкурентност на аеродромите.
„Во опкружување во кое надворешните фактори постојано се менуваат и често се надвор од наша контрола, успехот зависи од нашата способност да ги приспособуваме трговските стратегии, да предвидуваме различни сценарија и да реагираме флексибилно. Токму тоа е основата на долгорочната конкурентност на аеродромите“, рече Кабајеро.
На форумот тој го претстави напредокот на клучните инфраструктурни проекти на аеродромот „Васил Левски“ – Софија, подготовките за Терминал 3 и стратешката визија за развој на аеродромот како водечки регионален воздухопловен центар во Европа.
Целта на форумот е размена и унапредување на добрите практики за остварување приходи од невоздухопловни дејности. Тие опфаќаат продавници, угостителски објекти, паркинзи, изнајмување автомобили, хотелски услуги и развој на проекти за комерцијални недвижности, во согласност со целите за одржливост на аеродромската заедница.
