Бугарскиот културен центар „Булгарика“ во Чикаго одбележа 12 години од своето основање
Бугарскиот културен центар „Булгарика“ во Чикаго ја одбележа 12-та годишнина од своето постоење, а на прославата присуствуваше и генералниот конзул на Бугарија во Чикаго, Светослав Станков.
Во објава на Фејсбук, Станков истакна дека центарот веќе 12 години има значајна улога во зачувувањето на бугарскиот јазик, традициите и културата меѓу бугарската заедница во Соединетите Американски Држави.
„Веќе 12 години „Булгарика“ е многу повеќе од културен центар. Тоа е место што обединува генерации Бугари, го зачувува нашиот јазик, традициите и културата и создава непроценливо чувство на припадност, кое на сите ни е потребно кога сме далеку од татковината“, напиша Станков.

Тој сподели и дел од своето обраќање на свеченоста, во кое ја нагласил важноста на центарот за поврзаноста на бугарската заедница со татковината.
„Растојанието до Бугарија не се мери само во километри. Тоа се мери и во спомени, средби, пријателства и во чувството дека некаде припаѓаш. Благодарение на „Бугарика“ и заедницата што ја создава, Бугарија ни е поблиску. Поблиску до домот“, истакна генералниот конзул.
Според Станков, зад 12-годишното постоење на центарот стојат многу труд, посветеност и љубов кон Бугарија, како и луѓе кои не само што го зачувуваат бугарскиот национален идентитет, туку го пренесуваат и на следните генерации.
Генералниот конзул им упати честитки на основачите, организаторите, волонтерите и сите пријатели на „Булгарика“, охрабрувајќи ги да продолжат со својата мисија за обединување на Бугарите во Чикаго и зачувување на нивната поврзаност со Бугарија.
