| |

Бугарија планира 48,2 милиони евра за модернизација на делница од железничката пруга на Коридор VIII

Бугарското Министерство за транспорт предвидува 48,2 милиони евра за модернизација на железничката делница Перник – Радомир, која е дел од Коридорот VIII и идната железничка врска со Северна Македонија. Средствата се вклучени во инвестициската програма за периодот 2027 – 2029 година, објави бугарскиот економски портал Economic.bg.

За модернизацијата на делницата, долга 17 километри, во 2027 година се планирани 28,4 милиони евра, во 2028 година 9,3 милиони евра, а во 2029 година уште 10,6 милиони евра.

Проектот предвидува модернизација на постојната пруга, изградба на втор колосек, два нови тунела со должина од 881 и 400 метри и обновување на сигнално-сигурносните системи на железничката станица во Перник.

Во декември 2025 година, бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура го избра конзорциумот „ИСПА“ за изведувач, со понудена цена од над 421,2 милиони бугарски лева без ДДВ. Проектот се кофинансира преку европската програма „Транспортна поврзаност“ 2021 – 2027 година, а градежните работи треба да завршат до средината на 2029 година.

Делницата е дел од железничкиот Коридор VIII, кој треба да ги поврзе Бугарија и Северна Македонија. Бугарското Министерство за транспорт претходно ја посочи 2030 година како рок за завршување на целокупната железничка врска.

Во инвестициската програма на Министерството за периодот 2027 – 2029 година се вклучени вкупно 45 проекти, со предвидени средства од околу 462,5 милиони евра.

Меѓу позначајните инвестиции е и набавката на шест електрични маневарски локомотиви за Бугарските државни железници, за што се планирани 24 милиони евра во следните три години. Предвидени се и средства за подготовка на железничка врска со аеродромот во Бургас и за интермодален терминал во Софија.

Според Economic.bg, дел од проектите се реализираат со европско кофинансирање, додека средствата од бугарскиот државен буџет се наменети за дополнително финансирање на инвестициите.

Слични Објави