| |

Бугарската министерка за здравство Катја Ивкова: Отворена е телефонска линија за информации за повредените, засега нема повици од нивните блиски

На веб-страницата на Министерството за здравство има отворена телефонска линија, но засега немам информации за примени повици од блиски на повредените во сообраќајните несреќи на автопатот „Тракија“. Ова го изјави бугарската министерка за здравство Катја Ивкова пред новинарите на местото на несреќата. Во Министерството за здравство има и дежурен телефон за итни случаи, кој е достапен и во моментов. Таму може да се добијат информации за пациентите, рече Ивкова, пренесува БТА.

Од Министерството за здравство соопштија дека на телефонскиот број 029301152 граѓаните можат да побараат информации за тоа каде се сместени нивните роднини и блиски повредени во сообраќајната несреќа на автопатот.

Во моментов ниту една здравствена установа не пријавила потреба од помош од друга болница или од воздушен транспорт. Таков транспорт е на располагање, а неколку здравствени установи се подготвени да примат пациенти на кои им е потребна помош, рече Ивкова.

Обезбедени се потребните количества крв и крвни компоненти, а координацијата за тоа беше направена рано утринава, додаде таа. Претходно, Националниот центар за трансфузиона хематологија повика на крводарување по тешките сообраќајни несреќи. Центрите за крводарување го известиле Националниот центар за трансфузиона хематологија дека располагаат со потребните количества крв и крвни компоненти, изјави министерката за здравство.

„Пред малку бев во болницата во Сливен и директорот не ме извести за потреба од крводарување“, додаде таа.

Досега се транспортирани вкупно 46 пациенти по тешките сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“, изјави претходно Ивкова во Сливен. Таа посочи дека 27 пациенти се во Сливен, седум во Бургас и 12 во Јамбол, каде што еден пациент починал. Вкупниот број загинати во моментов изнесува 11.

Слични Објави