Асоцијацијата на наставници што предаваат на француски јазик во Бугарија ќе ја одржи својата годишна конференција во Велико Трново
Асоцијацијата на наставници по француски јазик и на наставници што предаваат на француски јазик во Бугарија ќе ја одржи својата годишна конференција во Велико Трново од 13 до 15 ноември, соопштија организаторите, пренесува БТА.
Домаќин на форумот ќе биде Средното училиште „Емилијан Станев“. Партнери на асоцијацијата се Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Профилираната јазична гимназија „Проф. д-р Асен Златаров“.
Асоцијацијата е основана во 1993 година по идеја на професорите по француски јазик на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и е дел од најголемата професионална организација во светот што нема синдикален карактер – Меѓународната федерација на наставници по француски јазик. Ова го раскажа претседателката на асоцијацијата, Вјара Љубенова.
Главните активности на организацијата се поврзани со континуираното образование и стручното усовршување на наставниците во земјата, поддршката на младите педагози, подготовката и спроведувањето проекти поврзани со светот на франкофонијата, како и со застапувањето на францускиот јазик како носител на заедничките европски и општочовечки вредности.
Асоцијацијата работи непрекинато и секоја година организира форум за поддршка на работата на наставниците по француски јазик од цела Бугарија. Десетици нејзини членови се носители на престижниот Орден на академските палми – државно одликување што првично го востановил Наполеон Бонапарта во 1808 година, а кое го добило својот современ облик во педесеттите години на минатиот век.
Конференцијата во Велико Трново е организирана заеднички со Францускиот институт во Бугарија и Регионалниот центар на Меѓународната организација на франкофонијата. Темата на годинешното издание е „Да предаваме француски јазик со помош на уметноста и спортот“.
Настанот е поврзан и со претстојното одбележување на Меѓународниот ден на наставникот по француски јазик. Тој е воведен од францускиот претседател Емануел Макрон со цел да ја зацврсти улогата на наставниците по француски јазик и на оние што предаваат на француски јазик во светот како важни чинители во обликувањето граѓани на светот.
Форумот е наменет за сите наставници по француски јазик и за оние што предаваат на француски јазик во Бугарија. Како гости предавачи се очекуваат Жан Реноден – професор на Универзитетот во Саламанка, Филип Гине – современ француски актер, пејач и писател, и Ромен Лиедо – културен посредник.
