| |

Бугарски ученици создадоа паметна нараквица што ги претвора звуците во вибрации за лица со оштетен слух

Ученици од Технолошкото училиште „Електронски системи“ (ТУЕС) при Техничкиот универзитет во Софија, заедно со врсници од Шпанската гимназија, развија прототип на паметна нараквица што препознава звуци од околината и ги претвора во вибрации. Проектот Pulsa е наменет за лица со оштетен слух и има цел да ја зголеми нивната самостојност и безбедност, соопшти ТУЕС.

Нараквицата користи вграден микрофон поврзан со модел на вештачка интелигенција, кој ги анализира околните звуци. Автомобилска сирена се означува со една кратка вибрација, противпожарен аларм со две кратки вибрации, а бебешки плач со една долга вибрација.

Бугарскиот тим брои пет ученици, меѓу кои се Ина Петрова и Викторија Ганчева од завршната година во ТУЕС. Идејата се развила во рамките на седуммесечна менторска програма од меѓународниот проект „Teen Titans of Business“, финансиран преку „Еразмус+“.

Откако оцениле дека нивниот првичен проект нема да биде доволно ефикасен, учениците го смениле пристапот. За време на разговор во кафуле, нивниот соученик Радослав предложил да создадат нараквица за глуви лица.

„Учествуваме на многу други настани, како Hack TUES и TUES Fest, и таму развиваме многу проекти поврзани со проблемите на луѓето. Решивме дека ова ќе биде најефикасниот начин да ги освоиме срцата на публиката“, изјавиле ученичките за Бугарското национално радио, пренесува ТУЕС.

Проектот бил претставен на завршен настан во Шведска, организиран според форматот Shark Tank. Пред меѓународно жири, бугарските ученици се натпреварувале со тимови од Шведска, Литванија и Романија. Секој од петтемина членови го претставил делот од проектот на кој лично работел.

Дизајнот на нараквицата е инспириран од стилот на шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. Според училиштето, тимот го избрал овој изглед имајќи ги предвид естетските навики и желби на повозрасните корисници.

Учениците веќе имаат функционален хардверски прототип, веб-страница и почетна верзија на мобилна апликација. Бидејќи сите се во завршната година од средното образование, во моментов приоритет им е матурирањето, по што планираат целосно да го довршат производот и да побараат патентна заштита.

Слични Објави