Рубио: Трамп најверојатно ќе се сретне со Зеленски следната недела
Државниот секретар на САД Марко Рубио изјави дека е возможно американскиот претседател Доналд Трамп следната недела да се сретне со својот украински колега Володимир Зеленски, јавува АФП, пренесува БГНЕС. Трамп сè уште се надева дека ќе посредува за постигнување мировен договор во кој би бил вклучен и рускиот лидер Владимир Путин.
Трамп повеќепати се закануваше со санкции против Русија доколку Путин не направи компромис, но досега не презеде конкретни мерки, иако Москва ги засили нападите – што предизвикува разочараност кај Украина.
„Тој имаше повеќекратни разговори со Путин, повеќекратни средби со Зеленски, вклучително и веројатно уште една следната недела во Њујорк“, рече Рубио, алудирајќи на состанокот на светските лидери за време на Генералното собрание на ОН.
Рубио истакна дека Трамп „ќе продолжи да се обидува“ и дека доколку постои можност за мир, тој сака да ја искористи. „Можно е во еден момент претседателот да заклучи дека тоа не е возможно. Засега не сме дојдени до тој момент, но може да се случи“, објасни тој.
Според бројките што претходно ги изнесе Трамп, Русија изгубила околу 20.000 војници само во јули.
Минатиот месец Трамп го пречека Путин во Алјаска – прва посета на рускиот лидер на западна земја од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година. Неколку дена подоцна, американскиот претседател се сретна и со Зеленски и со европските лидери во Белата куќа.
„Трамп е уникатен затоа што може да разговара и со Путин и со Зеленски и со Европејците. Ако се повлече или воведе санкции против Русија и каже ‘Завршив’, тогаш нема да остане никој во светот што може да посредува за крај на војната“, нагласи Рубио.


