Рускиот сопственик на бродот поврзан со големата експлозијата на пристаништето во Бејрут е уапсен во Бугарија
Рускиот државјанин Игор Гречушкин, сопственик на товарниот брод кој беше поврзан со складирањето на амониум нитрат што предизвика разорна експлозија во пристаништето во Бејрут во 2020 година, е уапсен во Бугарија, јавува БГНЕС.
Апсењето доаѓа речиси пет години откако ливански истражен судија преку Интерпол издаде потерници за него и за капетанот на бродот, Борис Прокошев, кој исто така е руски државјанин.
Судски извори во Либан потврдија за „Евронјуз“ дека се подготвуваат документи со кои ќе се бара екстрадиција на Гречушкин за испитување. Доколку не биде предаден на Либан, истражители од земјата би можеле да допатуваат во Бугарија за да го сослушаат таму.
Според четири судски извори, Гречушкин, кој има и кипарско државјанство, бил уапсен минатата недела на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, веднаш по слетувањето на лет од Кипар.
Експлозијата во Бејрут на 4 август 2020 година одзеде најмалку 218 животи, повреди повеќе од 6.000 лица и предизвика штета од милијарди евра, уништувајќи голем дел од либанската престолнина. До денес, ниту еден ливански функционер не е осуден за трагедијата.
Новиот претседател на Либан, Жозеф Аун, и премиерот Науф Салам најавија дека нивната влада ќе ја доврши истрагата и ќе побара одговорност за виновните.
Причина за катастрофата беше пожар во магацин каде што со години несоодветно бил складиран огромен резерв на амониум нитрат. Настанот се случи во период кога земјата се соочуваше со една од најтешките економски кризи во поновата историја, која Светската банка ја оцени како катастрофална и резултат на корупција и лошо управување од страна на политичките елити.
Истрагата повеќепати беше блокирана од политички и правни препреки. Во декември 2020 година судијата Фади Саван поднесе обвиненија против поранешниот премиер Хасан Диаб и тројца министри, но беше отстранет под политички притисок. Минатото лето истражниот судија Тарек Битар повторно ги повика на одговорност високи политички, судски и безбедносни претставници, во нов обид случајот да биде доведен до судска разрешница.

