Србија – каква ја мислеа и каква стана
Иван Николов/БГНЕС
Се сеќавате ли на времето кога Србите во Југославија се потсмеваа на Бугарите, Романците, Чесите, Полјаците и другите словенски народи, потчинети на Советската империја? „Црвената“ југословенска банкнота од 100 динари и денес се мавта по социјалните мрежи како доказ за „западен“ стандард и српска национална надмоќ. Се разбира, и тогаш стандардот се темелеше не на зголемување на БДП, туку на странски кредити и безнадомесни помошти, кои Тито ги добиваше во геостратешките игри на светските сили.
Само што историските процеси се развија во сосема друга насока.
За помалку од половина век земјите од источниот блок се ослободија од советската стега, се демократизираа, станаа членки на Европската Унија и нагло напреднаа. Полска, на пример, се вброи меѓу 20-те држави во светот, чиј БДП надминува 1 трилион долари. Естонија ја има најдобрата образовна система во Европа. Чешка доживува силен економски подем. Романија и Бугарија, и покрај сè, се далеку пред Србија по сите показатели.
Сето тоа стана возможно дури по распадот на источниот блок и членството на источноевропските држави во Европската Унија, во која сите држави со заеднички сили си помагаат и градат патишта, развиваат здравство, образование, наука, култура, земјоделство, го реформираат јавниот сектор и сл.
Србија, токму обратно, излезе не само од Југославија, туку и од западната сфера на влијание и сега парадоксално, се прилепува за Русија, Кина и БРИКС, со надеж дека не само што ќе ги стигне и надмине своите европски соседи, туку и ќе го оствари вековниот сон за Голема Србија преку освојување на туѓи територии и асимилирање на туѓи народи и малцинства.
Гарашаниновото Начертание претрпе уште една метаморфоза и сега се нарекува „Српски свет“, но неговата содржина е иста. Погледнете ги најгледаните српски ТВ емисии, српските прослави во Македонија, агонијата на Бугарите во Западните покраини, изјавите на српските управници и ќе се уверите во вистинската српска реалност.
Сè останато е лага.
Вучиќ со европски пари се обидува да направи од Србија руска губернија на Балканот, во која државните институции, обвинителството и правосудството се потчинети на волјата на диктаторот, нема слобода на говор, нема демократија и во која тој се потпира не на поддршката на просветени и свесни граѓани, туку на купени гласачи, партии финансирани од пребогати олигарси, приватни чувари и корумпирани обвинители и судии.
Пропагандата успеа да навлезе во свеста на српските граѓани и да изгради една нова бизарна реалност, според која прогниената Европа и САД ќе се распаднат, дека не треба да се воведуваат санкции на Русија поради војната во Украина, дека членството во БРИКС е перспективна идеја и сл.
Некогаш, еден од најважните лекции во учебниците по југословенска историја беше за историското НЕ, кое Тито во 1948 г. му го кажал на Сталин. Денес тоа историско НЕ, всушност се претвори во ДА, кое Вучиќ постојано го повторува на килимчето пред Путин.
Општеството е толку заблудено и изгубило врска со реалноста, што никој и не помислува дека дури и сегашната српска реалност е изградена врз статусот на Србија како членка на Европската унија. Благодарение на овој статус таа ги користи парите од европските предприсоединителни програми, пристигнуваат странски инвестиции, помош, две третини од надворешната трговија оди кон европските пазари и оттаму следуваат и придобивките – раст на вработеноста, раст на платите во стопанските гранки и сл. Благодарение на овој статус, српските граѓани можат да патуваат без визи, да студираат на европските универзитети, да работат и сл.
Пропагандата и кусата меморија како да ги избришаа сеќавањата од пред само две-три децении, кога живеевме под визен режим, кога не можеше да се работи и студира надвор од Србија, кога горивото се продаваше во шишиња, валута и цигари можеа да се најдат само кај улични дилери, а просечната плата падна на 30 германски марки.
И покрај сето тоа, српската младеж конечно се крена во масовни бунтови против едноначалната, корумпирана и самозаборавена власт, која ја зароби сопствената држава. Овој општонароден бунт трае речиси цела година и веќе се изоструваат и неговите барања – смена на Вучиќ и неговите обслужувачки криминални престапници, партиски насилници и пандури маскирани како партиски и државни управници.
Вучиќ, сепак, е само врвот на сантата мраз. Тој еден ден ќе падне. Поголемиот проблем се олигарсите и безбедносните служби, кои непропорционално се збогатија во негово време и кои тешко ќе ги пуштат своите позиции, стекнати благодарение на него. Пред две децении еден таков обид за чистење на српските Авгиеви штални заврши со убиството на Зоран Ѓинѓиќ и враќањето на сегашниот див национализам, кој не само што го загрозува опстанокот на Србија, туку и мирот и безбедноста на Балканот и во Европа.
Во Србија проблемите во политиката, државните институции, образованието, медиумите, правосудството итн. се последица на длабоката духовна криза, чии корени се длабоко во минатите погрешни одлуки на српските, но и на европските управници.
Версајското уредување на Европа речиси заврши со распадот на Југославија, но не сосема. Во денешна Србија и понатаму тлеат напуштените етнички и политички жаришта. Едно од нив е поврзано со статусот на Војводина. Поминува време и Војводина повторно испраќа сигнали дека сака да се врати на политичката сцена како самостоен политички субјект и да ги врати одземените уставни и граѓански права. „Студентското движење“ од минатата есен привремено го одложи овој процес. Војводина ги спушти своите знамиња. Не затоа што немаше кој да ги носи, туку за да се зачува единството на новонастанатото движење. Во настапените нереди, репресиите против студентите и граѓаните во Нови Сад драстично се засилија. Барањата за оставка на Вучиќ и предвремени избори навестуваат преосмислување, преоценување и реорганизирање на државата и општеството. Во овој процес најверојатно ќе се отвори замрзнатото Војводинско прашање, поврзано со нејзиниот политички статус, кој би ѝ овозможил оптимални услови за сеопфатен развој, сразмерни на нејзината реална сила и можности, кои во времето на Југославија ја изедначија по стандард и квалитет на живот со Словенија и Хрватска.
Следствено, решавањето на српската, а со тоа и на балканската криза, е не само политички, туку и длабок културен катарзис, во кој треба длабоко да се преосмислат историските грешки, кои притоа повеќекратно се умножени со произволно напишаната историографија и културна надградба, која и денес воспитува фанатизирани војници и офицери, а не мирни и градителски европски граѓани.

