Бугарската академија на науките е домаќин на тркалезната маса „70 години Бугарија во УНЕСКО“
Институтот за етнологија и фолклористика со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките (ИЕФЕМ – БАН) ќе биде домаќин на тркалезна маса на тема „70 години Бугарија во УНЕСКО: Културно наследство, локални заедници, експертиза, културни политики“, соопштија од Институтот, пренесува БТА.
Настанот ќе се одржи на 16 ноември во салата „Зимска градина“ на ИЕФЕМ – БАН, под покровителство на Националната комисија за УНЕСКО на Република Бугарија.
Целта на форумот е да поттикне сестрана и продлабочена дискусија за состојбата на бугарските објекти, артефакти и елементи впишани или препознаени во рамките на УНЕСКО, како и отворен разговор за учеството на сите заинтересирани страни во утврдувањето на проблемите, успешните практики и предизвиците во зачувувањето на културното наследство.
Главен акцент ќе биде ставен на улогата на научниците и експертите како посредници меѓу научното знаење, институционалните механизми за заштита на културното наследство и потребите на локалните заедници.
Во тој контекст ќе се разговара за процесите на креирање и спроведување културни политики насочени кон зачувување, промовирање и одржлив развој на културното наследство како жив извор на идентитет, знаење и колективна меморија.
