| |

Оперска гала во Софија во чест на 90-годишнината од раѓањето на светски познатиот бугарски бас Никола Ѓузелев

Фондацијата „Борис Христов“ вечерва во салата „Бугарија“ во Софија ќе организира оперска гала во спомен на бугарскиот оперски бас и сликар Никола Ѓузелев, соопшти неговата сопруга Ана Марија Петрова-Ѓузелева, пренесува БТА. Настанот е дел од одбележувањето на 90-годишнината од неговото раѓање.

Ќе настапат оркестарот на Државната опера – Пловдив, под диригентската палка на Вилијана В’лчева, и оперски солисти. Вечерта ќе ја води ќерката на уметникот, Адријана Ѓузелева.

Централниот настан ќе се одржи на 17 ноември во Софиската опера и балет, со јубилеен концерт на лауреатите на шестата меѓународна награда „Никола Ѓузелев“ за оперска и ликовна уметност. Под диригентство на Евелино Пидо ќе настапат Красимира Стојанова, Франческа Патане и Кирил Манолов, со дела од Верди, Маскани и Бизе.

Одбележувањето ќе продолжи со музички настан во Римската опера, чиј датум дополнително ќе биде објавен, информираат од фондацијата „Никола Ѓузелев“.

Никола Ѓузелев е роден во Павликени на 17 август 1936 година. Во кариерата настапувал на големите светски оперски сцени и остварил повеќе од 70 улоги. Починал на 16 мај 2014 година во Софија.

Слични Објави