| |

Бугарскиот астроном Атанас Стефанов учествуваше во откривањето на необичен троен ѕвезден систем блиску до Земјата

Меѓународен тим научници откри необичен троен ѕвезден систем оддалечен само 28 светлосни години од Земјата, соопшти за БТА бугарскиот астроном д-р Атанас Стефанов од Женевската опсерваторија, член на научниот тим и коавтор на истражувањето. Системот, наречен Уелопоаи, се состои од три ѕвезди. Две од нив се бели џуџиња – густи ѕвездени остатоци што се формираат кога ѕвезди слични на Сонцето ќе го исцрпат своето гориво. Ова е најблискиот до Земјата досега познат троен ѕвезден систем со две бели џуџиња.

Научниците дошле до откритието при рутинска потрага по планети надвор од Сончевиот Систем. Откритието отвора нови прашања за тоа како се развиваат ѕвездите и како влијаат една врз друга, посочи д-р Стефанов.

Меѓународниот научен тим го предводат истражувачи од Институтот „Тротие“ за истражување на егзопланети (IREx) при Универзитетот во Монтреал, Канада. Првичната цел на набљудувањата била да се откријат планети околу едно блиско црвено џуџе.

„Ме поканија да учествувам во истражувањето поради моето искуство во откривањето планети. Сè започна како сосема рутинска потрага по планети околу црвеното џуџе“, раскажа Атанас Стефанов.

За набљудувањата, научниците го користеле високопрецизниот инструмент SPIRou, поставен на Канадско-француско-хавајскиот телескоп (CFHT) на Мауна Кеа, на Хаваите. Инструментот служи за откривање егзопланети преку мерење на ситните промени во брзината на ѕвездите што ги предизвикува гравитациското влијание на небесните тела што кружат околу нив.

Наместо слабите осцилации карактеристични за планетите, астрономите забележале значително поголемо отстапување, што укажувало на присуство на масивен ѕвезден придружник.

„Планетите имаат многу помала маса од ѕвездите околу кои кружат и нивното гравитациско влијание врз нив е едвај забележливо. Обично мериме промени во брзината на ѕвездата од неколку метри во секунда. Овојпат измеривме промена од речиси 16 километри во секунда. Тогаш сфативме дека телото што дотогаш не можевме да го откриеме не е обична планета, туку многу помасивен придружник“, објасни бугарскиот астроном.

Натамошната анализа покажала дека масата на скриениот придружник е поголема од половина од масата на Сонцето.

За да утврдат за какво небесно тело станува збор, научниците ги продолжиле набљудувањата со телескопот „Џемини Норт“, кој исто така се наоѓа на Мауна Кеа. Со помош на инструментот Alopeke, кој овозможува снимање со висока резолуција, успеале да го снимат придружникот, чиј сјај е слаб. Се покажало дека станува збор за бело џуџе.

„Всушност, баравме планети. Наместо тоа, откривме нешто многу поизненадувачко“, изјави за БТА водечкиот автор на истражувањето, д-р Етјен Артиго од Институтот „Тротие“ за истражување на егзопланети при Универзитетот во Монтреал.

Научниците веќе знаеле дека во системот има уште едно бело џуџе, на значително поголемо растојание. Така утврдиле дека Уелопоаи е редок троен систем во кој црвеното џуџе и едното бело џуџе кружат едно околу друго, додека второто бело џуџе кружи околу двојката по далечна орбита.

Според истражувачите, во радиус од 100 светлосни години од Земјата не е познат друг ѕвезден систем со сличен распоред.

Уште поголема загатка за научниците е како трите ѕвезди го добиле денешниот распоред. Астрономите претпоставуваат дека, пред да се претвори во бело џуџе, новооткриениот придружник бил ѕвезда со маса за околу 40 отсто поголема од Сончевата. Во текот на својот развој, ѕвездата се проширила до џиновски размери, а нејзиниот радиус станал стотици пати поголем од првичниот.

При ваков процес, ѕвездата што се шири може да го проголта својот помал придружник. Тоа обично доведува до значително приближување на двете ѕвезди, па дури и до нивно спојување. Во овој случај, сепак, црвеното џуџе ја преживеало преобразбата и продолжува да се движи по релативно широка и стабилна орбита.

„Овој систем не би требало да постои. Немаме јасно објаснување како се нашол тука. Тоа е прашањето што ќе нè води во следните набљудувања“, изјави проф. Патрик Дифур од Универзитетот во Монтреал, стручњак за бели џуџиња и коавтор на истражувањето.

Откритието им овозможува на астрономите подетално да ги проучат процесите што го одредуваат развојот на системите со повеќе ѕвезди, како и заемното влијание на ѕвездите во последните фази од нивниот живот.

Д-р Атанас Стефанов е член и на меѓународниот научен конзорциум што работи со инфрацрвениот спектрограф NIRPS, поставен на телескопот со пречник од 3,6 метри во „Ла Сија“, опсерваторија на Европската јужна опсерваторија. Во јули 2025 година, тој ја извести БТА за првите научни резултати добиени со овој инструмент, наменет за откривање и проучување планети надвор од Сончевиот Систем. Стефанов тогаш објасни дека NIRPS овозможува откривање мали планети околу студени ѕвезди од типот црвени џуџиња преку исклучително прецизни мерења на движењето на тие ѕвезди.

Меѓу првите резултати добиени со инструментот е потврдата дека околу Проксима Кентаур, најблиската ѕвезда до Сонцето, кружат планети. Истражувањата се дел од меѓународните напори за откривање планети слични на Земјата и за проучување на нивните атмосфери.

Слични Објави