Морнар од „GAS HUSKY“ му се заблагодари на бугарското воено воздухопловство за спасувањето на екипажот
Филипинскиот морнар Рамон Гарингалао објави фотографија од спасувачката акција на 17 ноември и во име на сите 19 членови на екипажот на погодениот брод за превоз на гас „GAS HUSKY“ му се заблагодари на бугарското воено воздухопловство, јавува 24 часа.
Морнарите ја поминале ноќта на сплав за спасување покрај бродот. „Почувствувавме огромно олеснување“, напиша Гарингалао за моментот кога го здогледале хеликоптерот. Тој раскажа дека од големите бранови веќе имале морска болест и дека биле премрзнати.
„Без нивните брзи и решителни потези, ќе ни се случеше најлошото. Во име на целиот екипаж, му благодарам на бугарското воено воздухопловство што нè однесе на безбедно“, напиша Гарингалао. Под објавата го поздравија и бугарски воени лица кои учествувале во акцијата, меѓу нив и Христо Бикјаров, кој ги подигнал морнарите од сплавот во хеликоптерот.
„GAS HUSKY“ исчезнал од радарите кратко по полноќ на 17 ноември. Во 8:02 часот се активирала бродската пловка за итни случаи, а два часа подоцна од Балчик полетал авион Су-25 за извидување. Хеликоптерот „Кугар“ со спасените морнари слетал во Варна околу 12:45 часот.
