Падот на македонскиот мит за албанскиот хегемонизам
Facebook статус на Никица Корубин
“Во Косово, иако Албанците се 93 проценти, а 4 проценти е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина“ – вели косовскиот премиер Албин Курти, во најдобриот манипулативен манир, во кој е западнат vis a vis Северна Македонија, пред и пост изборно, во полза на македонските политички партии, а не како што, по автоматизам би се очекувало, во полза на албанските политички партии.
Но, единствено што “не е вистина” во неговата изјава е делот за Северна Македонија, затоа што албанскиот јазик е “службен официјален јазик” уште од Охридскиот договор и уставните амандмани од 2001 година, чија примена е “етапно” воведувана преку законите (вклучително и Законот за употреба на јазиците) поради калкулациите токму на македонскиот политички (и секаков друг) естаблишмент.
Зошто тогаш за Албин Курти, поважна е очигледната потреба на македонскиот политичко/партократски естаблишмент во демонстрирањето на “надмоќ” над албанскиот политичко/партократски естаблишмент кај него дома во Приштина, преку суштински неточна изјава за манипулирање со уставно загарантирани права на граѓаните Албанци, а не партиите?
Овој спектакл, во театарски манир, на “деалбанизација” на Албанците во Северна Македонија, одигран од Албанец од Косово, магично и (не)свесно во еден чин го сруши митот за “албанскиот хегемонизам” така внимателно граден низ годините, токму од македонските партии (федерализација, претопување, превземање, поделба на државата); на кои Албин Курти отворено им “повладуваше” дома кај него, речиси па во манирот на косовска варијанта на “српскиот свет” кој контрадикторно, не е толку страшен во неговите очи кога станува збор за неговата проекција во Северна Македонија.
А, кој само случајно и поради други обврски и “изгорен од желбата”, дента не беше присутен во Косово, за на лице место да го комплетира “театарот на апсурдот” и наменски да го “сруши” и митот за “српскиот хегемонизам”, озаконет како чиста вистина преку “декларацијата на се-српскиот собор”.
И ако Албин Курти, сака да се ослободи од “жешкиот костен”, и да го сподели “солидарно” притисокот од “српскиот свет” со нас како држава, преку таргетирање на еден од темелите на нашата стабилност и функционалност – Охридскиот договор, официјално влезен и во стратешкото партнерство со САД (како потсетник за еуфоријата во ерата на трампизмот); која е точно стратегијата на нашата власт, и сите партнери, особено “чуварите на европскиот пат” ВЛЕН, преку “македонизацијата” (БЈРМ модел) на толкувањето, примената и постапното суспендирање на Охридскиот договор?
Освен практично-популистичкиот пристап на доктрината “власт заради власт”, отклонувањето од манипулативниот пристап, превземен целосно од двоецот СДСМ/ВМРО-ДПМНЕ усовршен низ годините: “добар сум, само затоа што, другиот е лош”; ќе биде полезно, за целото општество.
А, со падот на “митот за албанскиот хегемонизам”, нема простор ниту за “македонскиот хегемонизам”. Или како што би рекол и самиот премиер, парафразирано, “да се посветиме на економијата, и да ги оставиме етничките теми”. Па, во христијанско-библиски манир, тоа би звучело некако вака: “нека го фрли каменот прв, оној кој не грешел”.
И ако за Албанците и нивното етничко прашање е време за “економија”, а не за “етнички теми”, чесно е истата порака да се упати и кон Македонците и за предимството на “економијата” наспроти “етничките теми” (формулирани преку “гаранциите за бугарскиот диктат”) и да се прејде на уставни измени веднаш. Завршување на обврските и отпочнување на преговорите со ЕУ, како ултимативен гарант за економски просперитет. Па, нели економијата и благосостојбата се најбитни?
Овој дисбаланс, со фаворизирање на македонските етнички теми над албанските етнички теми, произлезен од преголема доза на манипулации, може да се доведе во хармонија, пред да се трансформира во целосен колапс на функционалноста на нашето општество и неговата специфичност; само преку филтерот на преговарачкиот процес при пристапувањето кон ЕУ. Филтер, кој на површина ќе ги извади, не само сите хегемонизми (реални и фиктивни ), туку и сите фикции и манипулации.
И конечно ќе го “исчисти” теренот, за да може да се соочиме со себе, со заблудите со кои сме задоени и единствената перспектива, која е пред нас цело време. Ги исцрпивме ли конечно, сите самоблокади или на некого му треба уште време? А, времето е, да се потсетиме, (нај)скапоцен ресурс.