Со пирински песни, танци и кукерски игри беше отворено 25-то издание на „Банско филм фест“
Со пирински народни песни во акапелна изведба на машки вокален состав, танци на ученички од локално училиште и кукерски игри, во бугарскиот град Банско беше отворено јубилејното 25-то издание на „Банско филм фест“. Годинава на програмата се 80 филмови, а публиката ќе има можност да се сретне со познати имиња од светот на планинарењето и авантуристичките спортови, јавува Пиринско.
„Ова е настан благодарение на кој Банско со текот на годините стана препознатливо име во светскиот календар на планинарската и авантуристичката култура“, рече градоначалникот на Банско, Стојчо Баненски, на отворањето.
Фестивалот привлекува посетители од цела Бугарија и од странство. Според директорката на фестивалот, Натали Петрова, во текот на 25-те изданија во Банско гостувале над 250 луѓе од странство, а биле прикажани повеќе од 3.500 филмови. Во детската образовна програма секоја година учествуваат меѓу 400 и 500 ученици.
Петрова како три најголеми успеси на фестивалот ги издвои поврзувањето на повеќе генерации бугарски планинари, публиката која растела со годините и образовната програма за деца.
Филмската програма опфаќа повеќе премиери на филмови кои потоа ќе се прикажуваат низ светот. Дел од нив ги водат гледачите до некои од најтешко достапните места на планетата.
На фестивалската сцена се очекуваат алпинистот Тончо Тончев, планинскиот ултрамаратонец Пирин Галов, германскиот алпинист Феликс Берг, параглајдеристот Весо Овчаров и британскиот алпинист Пит Витакер.
