Во Шумен изложени 47 дела на карикатуристи и илустратори кои од Бугарија се иселиле во Турција
Во бугарскиот град Шумен е отворена изложбата „До Анадолија и назад – со колата на хуморот во Шумен“, која обединува 47 дела на 29 автори кои од Бугарија се иселиле во Турција. Поставката е изложена во галеријата „Универзитетска“, во втората зграда на Шуменскиот универзитет „Епископ Константин Преславски“, јави Бугарската телеграфска агенција (БТА).
Иницијатори на изложбата се проф. Нурџан Јозѓур од Факултетот за политички науки при Истанбулскиот универзитет и Халит Куртулмуш-Ајтослу од Здружението на анадолските карикатуристи. Дел од авторите се иселиле во Турција во 1989 година, а други во претходните децении на 20 век.
Идејата за изложбата се родила во 2025 година, кога била одбележана стогодишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка меѓу Бугарија и Турција во Анкара. Според Јозѓур, авторите сакале да им изразат благодарност на двете земји, кои ги сметаат за свои татковини и чии култури се дел од нивниот живот.
„Ја поврзавме миграцијата со карикатурата. Тука сме на покана на народното читалиште „Чинар-2026“ и на Шуменскиот универзитет“, изјави Јозѓур за БТА. Таа пораснала во Делиорман, а од селото Пчелина се иселиле три генерации од нејзиното семејство. Како што рече, токму во тој крај се развило нејзиното чувство за уметност, а Шумен бил важен центар на културниот живот на Турците во регионот.
Доцентот Светозар Чилингиров од Шуменскиот универзитет истакна дека ова е првпат во галеријата да бидат претставени карикатури и илустрации. Според него, изложбата потсетува на мрачна страница од бугарската историја од времето на тоталитарниот режим и на последиците од иселувањето, кои се чувствуваат и денес.
„Творештвото нема граници, а хуморот е јазик што сите го разбираме. Понекогаш една карикатура кажува повеќе од цела страница“, рече Мјумјуне Сали, претседателка на народното читалиште „Чинар-2026“.
Патувачката изложба претходно гостувала во турските градови Ескишехир и Бурса, како и во бугарскиот град Крџали. По Шумен, ќе биде претставена на Историскиот факултет при Софискиот универзитет.
